Членови на семејствата кои се лекувале во клиниката „Жан Митрев“ денеска со транспаренти го пречекаа кардиохирургот за кого утрово во Кривичниот суд беше закажан нов почеток на судскиот процес против него и против неговата клиника за кривично дело „измама“.
Како што објави телевија „Алсат“, членовите на семејствата носеле транспаренти на кои пишува „Нашиот роднина не умре од Ковид, туку од пропустите на Жан Митрев“, „Хемофилтрацијата ги удави нашите роднини, бараме одговорност“, „Профит на сметка на заразените со Ковид-19“.
До медиумите веднаш стигна соопштение од клиниката „Жан Митрев“ со реакција дека против лекарот и неговата клиника се води инструиран процес и организирана хајка за неосновано обвинение.
-Присуството на луѓе со транспаренти на денот на рочиштето чиј датум и време на одржување не беше јавно објавено, говори дека сѐ поврзано со овој процес е претходно организирано и се води според нечија агенда. Организирање на луѓе со транспарентни кои повикуваат на линч, создаваат атмосфера како се да е веќе решено, е најостро рушење на правдата и одземање на правото да се докаже невиноста и вистината. Ова не е правно оружје и на ваков начин се спречува вистината.
Ако процесот против д-р Жан Митрев и Клиниката Жан Митрев е непристрасен, фер и без влијание, тогаш каде е презумцијата на невиност и зошто се води организирана хајка, се вели во дел од соопштението