Kолумни

Прирачник за Кодоши

Пишува: Александар Сашко Кукулев

(Repetitio est mater studiorum)

Во принцип,Кодошот сам по себе  не е само псевдоним кој од  идеолошки побуди или одредена лична корист, поткажува ,насочува и информира,туку е и дел од еден систем кој продуцира дејствие врз кодошениот,во потешките случаи тешки затворски казни, а во по бенигните секако огромен број непријатности. Најеклатантен пример за агилност на кодошите или соработниците на  тајните служби , најчесто од идеолошки побуди е периодот од 1948 до 1953 година. Увидот во прецизната документација од тоа време годвори дека 804 Македонци , благодарение на “ближниот свој” завршиле на голиот остров, изложени на брутални тортури, тешко замисливи за нормалниот homo sapiens, чии последици се рефлектираат до ден денешен. Интересен е и податокот дека многумина од накодошените , на голиот остров не заминале со судска пресуда, туку  со административна казна – се испратени на повеќегодишно идеолошко превоспитување.

Длабоко во себе , сакам да верувам дека кодошот не можел ни да замисли, што се, ќе мора да преживее неговата жртва , само поради тоа што тој, им го кажал на своите таинствени пријатели во црни кожни мантили, или го напишал на лист хартија сеедно.Шеесет години подоцна е вистинско време да се соочиме со примерите на реални последици од кодошењето.Накодошениот и секако административно казнетиот, на Голи Oток на пример, се соочувал со “Бојкот”.

Бојкот е процес во кој, останатите (административно казнети) затвореници (накодошени од некои други кодоши во местата каде што живеат) вршат тортура врз бојкотираниот,  со цел тој да каже име на свој соработник (та нели,никој ништо не прави сам, некој морало да знае).

До името или имињата во процесот на “Бојкот” се доаѓало на следниве начини. Со помош на ритуалот “Шпанска бања”, во кој “Собниот старешина” (брутален извршител на наредбите на СДБ) им наредува на останатите триесетмина затвореници од  павиљонот, прво брутално да го изудираат, за потоа на раце да го однесат бојкотираниот во озогласената сала на мензата.Тука, толпата ја зема веќе проверената мермерна плоча тешка над 150 килограми и му ја става на градите на бојкотираниот. Кога пак овој ќе почне да се гуши од тешкиот терет што го оставил без кислород,другарите од павиљонот му притекнуваат на “помош” и со железно котле му истураат морска вода во ноздрите ,по што телото на бојкотираниот во страшна агонија почнува да се простува од животот.Но мајсторите на тортурата, толку се извештени во спроведувањето на ритуалот и мермерната плоча од бојкотираниот ја одстрануваат буквално неколку секунди пред неговата смрт.Кога веќе изнесувам факти од голооточката голгота на накодошените, верувам дека кодошите, не ни слушнале за иницијацијата на

 “Превенција” со која се соочувале бојкотираните.Се разбира на знак од собниот старешина (колку бенигно име за џелат) прво го тепаат бојкотираниот па го “превенираат” со дрвен токмак во пределот на скротумот (тестиснa ќесa) удирајќи го цела ноќ.

Каде е превенцијата овде ? Превенцијата се состои во тоа што бојкотираниот , никоаш повеќе нема да може да има деца и да создава непријатели на државата каков што е тој.Речиси  сум сигурен дека, ако некој од информаторите на службата го чита ова, веќе ја преживејува должната непријатност со која е  и треба да биде соочен, ќе го посочам и процесот на “Kибларење” за да доинформирам и да ја заокружам оваа приказна.

Кибла” претставува дрвен сад во кој осудениците ја задоволуваат својата физиологија.Триесетина луѓе во павиљонот, една кибла, плус дезинтерија при која човековото тело од себе ја исфрла и последната слузница.Бојкотираниот е должен со рацете на грбот, да ја држи главата во киблата со тоа што носот мора да ја допира нејзината содржината .Во киблата честопати имало простор за  најмногу четворица (четири глави во киблата) , но некогаш бојкотирани биле петмина, седуммина…осуммина, што со нив?!И за нив мајсторите на злото имале решение.Оние прекубројните за кои   немало место во киблата биле должни ноќта да ја поминат со рацете на грбот и носот вметнат во анусот на претходниот бојкотиран чија глава е веќе во киблата.

Знам дека звучи грозно, гнасно, нечовечки и болно, но за жал, вистина е. Останувам ужаснат од помислата дека и во моментов, додека го пишувам текстов,еден дел од  таа црната легура на лоша мисла и нечиста совест,купува нов ден во надеж дека погледите ќе ги одминат и заборавот ќе го прекрие сонцето, а дотогаш, веќе ја избираат својата идна жртва, не затоа што имаат потреба од неа, туку затоа што друго не знаат да прават.Минатата година,низ разговор, запрашав еден старец кој накодошен ја преживеа голооточката трагедија, дали е бесен, дали  му се лути на својот кодош? Ми одговори дека  го познавал , но  не му се лути.. за ништо…потоа подзастана и додаде, Бог си ја знае својата работа.

Автор: Александар Сашко Кукулев

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *