Kолумни Култура Македонија

ГОЛЕМИТЕ ЛУЃЕ НЕМААТ НАЦИОНАЛНОСТ

Пишува Александар Сашко Кукулев

Бојка Вапцарова ја запознав на 16 октмври 2002 година, во нејзиниот стан во центарот на Софија. За потребите на една документарка која ја работевме во тоа време, заедно со колешката Моника Додова го снимивме последното интервју со Бојка Вапцарова (таа почина кусо по нашата средба) , кое денес дваесет одини подоцна нуди одговори за сите отворени прашања поврзани со нејзиниот и животот на Кољо Вапцаров.Зборуваше Бојка за првата средба со Кољо на торжествениот обед во Кочериново, за неговата омилена песна “Ајде , ајде либе Стојне да бегаме”, зборуваше и за кругот на интелектуална младина собрана околу него, која инсистира да го слушне ненадминливиот вљубеник и рецитатор на поезијата на Љермонтов, Јаворов, Пушкин….зборуваше и за скромната венчавка на единаесетиот ден од вториот месец таа 1934 година, за Коле Неделковски – деверот на нивната свадба, за синот Јонко кој го носеше името на дедо му, а трагично почина, за најубавите писма што ги добиваше од Кољо додека тој беше на студии во Варна, за македонскиот литературен кружок во Софија, за Росица Манолова љубовницата на поетот и соосуденик на Вапцаров – Антон Попов, која се надеваше кутрата дека ако на денот на стрелањето побара да се омажи за него, фашистите ќе се смилуваат и ќе му ја укинат смртната пресуда.. тие и дозволија да се омажи, дојде и свештеник да ги венча , за веднаш потоа Антон Попов да биде стрелан заедно со Вапцаров.

Тоа беше единствениот пример на светот – велеше Бојка, една жена во ист момент да биде и невеста и вдовица …пуштајќи солза додека раскажува, колку да ја дооплаче судбината на драгата пријателка.Раскажуваше Бојка и за последната средба , за прошталните стихови

Понекогаш ќе доаѓам во твојот сон

Како нечекан и далечен гостин

Не оставај ме надвор на патот

Вратата не затворај ја

Ќе влезам тивко

Кротко ќе седнам

Ќе го вперам погледот во мракот да те видам

И..откако се заситам гледајќи те

Ќе те бакнам..

И..

Ќе си отидам.

За последното ракување, последниот бакнеж ,..за аманетот “Гледај тетратките со стиховите да не пропаднат, скријте ги добро, а кога ќе дојде слободата Христо Радев да ги редактира и да помогне во нивното печатење”, а кобното утро пред црквата Света Недела кога отчукувањето на утринските црковни ѕвона злокобно информираа дека Кољо повеќе не е меѓу живите ..беше денот во кој срцето и замина во вечноста..заедно со неговото.

Таа 2002 година ,при средбата со Бојка во Софија,воопшто не размислував поинаку од од поголемиот дел политичари во Македонија или Бугарија , сакав, морав и не издржав а да не ја прашам, како се чувствуваше Кољо, беше Бугарин или Македонец ?Та се насмевна и ми одговори: Александре, големите луѓе немаат националност…нив Бог ги испраќа на земјата, да го истурат својот талент и убавина…како грст бисери…и потоа си ги зема при себе..да му бидат близу.

Можеби тогаш бев занемен од одговорот, но сега 21 годинa подоцна, јас одговорот го знам.

Автор: Александар Сашко Кукулев

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *