Интервјуа Новости Топ Вести

КУЛТУРАТА Е МОЈ ДОМ И МОЕ ПРИБЕЖИШТЕ!

Мега интервју со Васко Шутаров,поранешен пратеник, дипломат и експерт во областа на културната дипломатија

Како од денешна дистанца гледате на вашата културно-дипломатска мисија во Софија каде што престојувавте од 2011 до 2017 година?

В.Ш. Мојата културно-дипломатска мисија во Софија беше едно исклучително работно, но и животно искуство, згуснато со содржини и настани  кое не милувам да го раскажувам „на парчиња“, но се надевам дека ќе имам доволно животен век да го споделам еден ден во  книга раскази. Мојата мисија во Софија започна со една сурова сибирска зима, која ми се чинеше дека  ќе трае вечно и која ме тераше често да се прашувам, зошто, воопшто, прифатив да дојдам овде?! Но и во таква сурова зима, огрева понекогаш нешто топло и човечко, а тоа беше тогаш започнатото пријателство со добитникот на Златниот венец, големиот поет Љубомир Левчев, коешто продолжи во сите мои софиски години. Другиот важен мотив кој ме охрабри да ја продолжам мојата мисија беше стихозбирката „Преместен камен“ од Никола Маџиров, која тогаш излезе од печат во Софија на бугарски јазик.  Ја организирав промоцијата на оваа книга, што не беше планиран проект во програмата за работа на нашиот КИЦ во 2012 година, која на едно место ја собра целата софиска културна и образовна елита. Бргу потоа следуваа низа убави и успешни промоции на македонската култура, кои ни ги отворија вратите на државните и на приватните бугарски институции од културата. Почнавме да стекнуваме многу нова публика, нè следеше добра репутација на амбициозен и културен центар во постојан подем, се вмреживме во бројни европски проекти со останатите културни центри и институти, не ни се случи ниту еден политички гаф или празна сала за промоција! И сè така до моментот на добивање одлука за мое отповикување, која дојде без никаква најава и без никакво образложение, потпишана на истиот ден кога беше потпишан  Договорот за добрососедство со Р Бугарија.  Дента кога се селев назад за Македонија, попатно добивав информации и снимки од Првиот штанд за македонски јазик на Денот на европските јазици сред Софија. Ова беше еден проект на кој посветено работев сите претходни години. Каков парадокс! Дента кога требаше да славам јас но и Македонија преку мојата работа, заминав дома каде што се славеше нешто друго: роденденот на Министерот за надворешни работи што ме отповика! Многу сум горд на тие мои шест мирни и успешни години на промоции на македонската култура во Бугарија, кога културата беше главно средство за дијалог и мегдан за подобро запознавање на двата народа.

2. Дали имаме капацитети да водиме културна дипломатија?

В.Ш. Културната дипломатија е најфилигранската работа  во културата и дипломатијата, финално облагородовување на она што го создал креативниот дух за да допре до вистински добра публика, во вистинско време и на вистинско место. Културната промоција во странство, во суштина,  претставува културен чин кој во најдобар случај треба да биде рамен и достоен на креативниот културен продукт што треба да го промовира. Така, кога промовирате книга на наш автор во странство, најмалку што треба да направите е да ја прочитате книгата на македонски јазик и, секако, на јазикот на кој е преведена во државата каде што ја промовирате. Препорачливо би било да го познавате, барем, поголемиот дел од опусот на промовираниот автор, а уште подобро е ако најдете  време за дружење и лично запознавање. Публиката очекува и посакува и лично да го запознае авторот, а вашата реч на јазикот кој таа публика најдобро го разбира, вредат многу. Истиот начин на промовирање мора да го имаат и делата на ликовните уметници, на музичките репродуктивци итн.

Не откривајќи ги, патем, сите мали тајни на големата игра наречена културна дипломатија, ќе кажам – да, имаме доволно институционална меморија во промоцијата на македонските културни вредности во странство и доволно прекалени културни работници кои добро знаат да го работат тоа! Доволно е за почеток да се собере на едно место, да се систематизира и повторно да се  активира тоа севкупно искуство и знаење и  да им се пренесе на помладите. Ова би бил добар нов почеток во културната дипломатија.

3. Дали се чувствувате (не)доволно „искористен“?

В.Ш. Не, не сум воопшто „искористен“ и  јас тоа го нарекувам традиционално „исфрлање од системот“,  наследен од комунизмот и со невидена леснотија пренесен во долгата македонска транзиција. Тоа е таа типично наша негативна селекција правена врз претпоставките за политичка подобност и неподобност и јас тоа го искусувам циклично, еве,  веќе третпат, во мојава 30-годишна работна кариера! Кога веќе не ме совлада првиот пат, зошто би бил фрлен на колена третиот пат?!  Колку и да звучат чудно овие наши „специфични европски вредности“, свикнав на нив и бев подготвен и на ова – по два пратенички мандати и 6-годишен дипломатски мандат, да останам без работа и да почнувам повторно од почеток и од нула! Сепак,  мојата недоволна искористеност денес, не ја доживувам како  некаков посебен хендикеп, напротив,  – работам многу на себе. Уште многу млад разбрав дека животот е постојана борба на докажувања на своите способности и вештини и дека тешко се опстанува со живеење на стара слава! Уживам отворено и бескомпромисно со силата на аргументите да се спротивставам на аргументите на силата, во секоја прилика и со секого, дали во живи настапи или во она што го пишувам! Денес, чувствувам  доволно голема исполнетост во  работата со моите студенти  на кои им предавам предмети од областите кои се моја специјалност: дипломатијата и меѓународната политика. Во меѓувреме и од тие причини,  многу читам, по нешто и запишувам – имам веќе издадено неколку книги, и, барем, уште толку  во подготовка. 

Дали, сепак, жалам што не сум доволно искористен?!  Жалам што во изминативе шест години ниту една државна институција или која било граѓанска организација не појавија интерес заеднички да го споделиме моето акумулирано знаење и искуство. Посебно кога се во прашање македонско-бугарските културни односи или искуството што го стекнав со парламентарното работење. Нормално дека горчи  вкусот на сознанието дека мои трудови за културната дипломатија се често цитирани во докторски дисертации на универзитети  од соседството и регионов, но никогаш не биле искористени по ниеден повод во нашето Министерство за надворешни работи ниту, пак, во Министерството за култура, преку кое, како домаќин имам реализирано преку 200 културни настани и сум промовирал преку 500 македонски културни претставници, нешто индивиуално, а нешто и  групно! Морам да истакнам дека и обете министерства попрво би ангажирале странски експерти за културна дипломатија, кои на крајот секако ќе им го кажат она што е најсуштинско а кое  јас многу добро го знам: – не барајте помош од странци – културната дипломатија најдобро можат да ја претставуваат ваши домашни експерти кои најдобро ја чувствуваат, ја познаваат и вистински  ја сакаат сопствената култура!

4. Што е дефицитарно во нашата култура според вас?

В.Ш. Она што е дефицитарно во културата е секако добриот и модерен културен менаџмент по европски и светски терк, културната продукција и културната промоција, како на домашен така и на меѓународен план. На ова дереџе сме, затоа што долги години на ред, за културата одлучуваат политичари кои не се поклоници на културата, не го познаваат „лебот со девет корки“ којшто се пече во културата, не знаат дека секој вложен денар во културата најмалку двојно може да се врати, не го разбираат и не го почитуваат значењето на културата, просто не ја сакаат и не ја констатираат културата! Е, таквите не само што не се дефицитарни, туку и ги имаме за извоз!Со крајно изразената негативна селекција за поддршка во културата, со отсуството на елементарни познавања на културните политики и културните процеси, како и со игнорирањето на културните пориви и потреби што ги раѓа актуелниов миг, не може да се тера министерски мандат кој во последниве години не траеше повеќе од една година. Од ова произлегува дека се дефицитарни континуитетот и долгорочната стратегија и визија за развој на културата.

5. Зошто кај нас образованието и културата се како две реки што течат една покрај друга?

В.Ш. Интересно прашање, а токму пред некој ден разговарав со пријатели на истата тема, поттикат од неодамнешната изјава на хрватската музичка ѕвезда Џибони, дека: „Како ретко каде Бог дарувал толкав број таленти и дека Македонија, исто како и неговата Далмација, сигурно има најмногу таленти по глава на жител“, со што апсолутно се согласувам, но уште и би додал, дека како културна раскрсница и родно место на многу  цивилизации,  сигурно има и најмногу културно наследство на метар квадратен! Талентите се брусат во воспитно-образовниот процес, како и во процесите на стекнување, негување и развивање на културата, уште од најмлада возраст, низ целиот животен и творечки век!  Ако овие процеси бидат одвоени или ако се разминуваат,  тоа е како да се обидувате насилно да го одвоите умот од душата и духот кај еден човек. Стекнувањето љубов кон знаењето и кон културата се и најголемите животни ресурси што може да ги вложи и да ги капитализира една држава за својот развој. За жал, ние токму во овие области најмалку вложуваме и не создадовме сериозен општествен дијалог преку кој ќе ги дефинираме приоритетите во нашиот воспитно-образовен и културен развој. Севкупното образование ни е подолго време оставено на болоњската шема која некритички целосно ја усвоивме и ја презедовме без никакви пренесени вредности  од квалитетното и доброто кои ги имаше нашиот воспитно-образовен систем во едни посериозни времиња.  Исто како што културата денес,  повеќе носталгично се сеќава на македонската културна ренесанса од втората половина на минатиот век отколку што се обидува да го надгради тој скоро епохален културен исчекор. Често во своите колумни пишувам за отсуството на дијалог за најважните општествени теми што нè доведе до овие состојби на општествена аномија во која  ги живееме сите неслободи: од хаос,  преку беззаконие и неправди по сите основи, до криминал и корупција! Затоа, пак и понатаму сè ќе биде поставено наопаку и ќе се прават сензации од предлагање закони со кои обложувачниците треба да бидат пристојно оддалечени од училиштата и тоа  во едно општество во кое вредноста, наречена доживотно духовно и интелектуално збогатување,  е наполно згазена од страна на инстант вредностите за брзо материјално збогатување,  надвор од секаква законска или морална норма. Денес доминира највулгарниот мачоизам на најпримитивен балкански начин, затоа што државата, меѓу другото, веќе предолго време им е препуштена на политичари кои се скарани и со образованието и со културата! 

6. Следите ли денес Собрание, во вашите два мандати како пратеник важевте за еден од најактивните?!

В.Ш. Професорот Ратко Божовиќ од Белград, од кого пред многу години учев „Социологија на културата“ на Факултетот за политички науки, неодамна беше напишал дека српскиот парламент сè повеќе му наликува на јавна куќа без ѕидови. Непријатно ми е, институцијата во која сум поминал 5 работни години да ја именувам така, но чувството дека Собранието најголем дел од македонските граѓани  го доживуваат како јавна куќа на политичката голотија, – е неспорен факт! Македонското собрание, за жал, стана сето она што не требаше да биде!  Наместо да биде „родно место“ на суверените потреби и интереси  на секој граѓанин со право на глас, место каде што се водат сите суштински важни општествено-политички дијалози,  место каде што ќе се дебатира за секоја сериозна граѓанска иницијатива, место каде што ќе се врши јавен надзор над работата на извршната власт и на телата и на органите избрани од него, наместо да биде место на највисок општествен морал,  Собранието стана спротивност од сето тоа заедно! Денес, повторно, за моја најголема жал, Македонското собрание стана место каде што: се генерира перманентен политички неморал и  политичка некултура во континуитет; стана нотарска канцеларија за верифицикација на владините политики, желби и намери;  се  спроведува политички диктат на неколкумина политички и бизнис-моќници; и место кое по потреба станува менувачница за трансфер на граѓански гласови и трговија со нив. Денес, Македонското собрание требаше да биде, барем, малку налик на западните парламентарни храмови, бидејќи живо се сеќавам колку време но и колку многу ресурси досега имаат вложено бројни меѓународни организации, за таа цел. Благодарение на таа меѓународна поддршка, но и на добрата политичка волја на тогашното собраниско претседателство, Комисијата за култура којашто јас ја водев, за неполна година одржа 7 надзорни и јавни расправи, на кои, по примерот на Американскиот конгрес,  за одредена законска материја беа повикувани на сослушување сите министри и важни претставници од граѓанскиот сектор. Денес, по толку години, кога поминувам покрај Собранието кое, патем, внимателно го следам од осамостојувањето на државата и од неговиот прв парламентарен состав,  имам помешани чувства на гордост дека одреден период сум го давал најдоброто од себе токму таму, и чувство на жалење што како генерација пратеници не поставивме поцврсти бедеми пред наездава од сеприсутна политичка некултура и сè понизок праг на политички морал.  Сепак, и во овој собраниски состав има одлични опозициски пратеници кои го внесуваат сиот свој интелектуален капитал како единствено вредна содржина во инаку празните парламентарни дебати. Верувам дека нивниот ентузијазам може да донесе промена на подобро во отсуството на сериозен општествен и политички дијалог и ниска политичка култура.

7. Како би можеле  да се опишете себеси?

В.Ш. Ова е можеби најкомплексното прашање што воопшто може некој да ви го постави! Како би се опишал, најкратко можно?! Еве, прво што ми паѓа на памет, како книга, која не е лесна за читање и која никогаш не е затворена! Во таа книга, буквата и зборот биле и, сè уште, се мојата најголема и најсуштинска потреба! Се сеќавам на мојот прв гласно прочитан збор, додека одеше еден долг и досаден телоп на тогаш единствената ТВ-програма, програмата на Телевизија Скопје, кон крајот на 60-тите од минатиот век. Тогаш,  со помош од дедо ми, буква по буква, сите споени заедно, го исчитав зборот „интермецо“, испишан преку целиот ТВ-екран! Многу добро се сеќавам и на првата книга која едно топло попладне ја исчитав во еден здив, на скалите пред тремот од стариот семеен дом и на таа магија која тогаш ме допре и не ме напушти никогаш подоцна низ животот. Така би се опишал денес, како некој чиј живот го обележала книгата, која се испишува, се допишува, се пречкртува, се потцртува, се потпишува! Во таа книга, со бројни стари пожолтени страници и нови неиспишани бели  – најпостојано е присутно едно дете со ширум отворени очи, многу љубопитно, емотивно и неговиот постојан другар-сопатник, стариот и добар професор Балтазар, со кого заедно уште од најраното детство, се во потрага по онаа волшебна алхемиска формула со која би помагале секому кога е најмногу потребно! Во таа книга има многу луѓе, има постојан глад за зборови и за луѓе, за животни, за птици, за цвеќиња  и природа, за гевгелиското небо и најубавото сонце на него, за мирисот на солта од Белото Море  што ја носи кога ќе дувне Југот, има многу љубов за морето, за осамувањето покрај него и за нурнувањето во него, за добра храна која за среќа можам и сам да ја подготвам, но и за благодатот  да уживам и во овие зрели  години во мајчината храна, за среќата да споделувам вечери со добри луѓе, за радоста на живеењето, воопшто! Во таа книга, започната случајно со првиот испишан и прочитан збор – ИНТЕРМЕЦО, животот е разбран како временска отсечка во која ни е дадено време, со секоја нова испишана страница, да стануваме сè подобри луѓе. Во таа книга, преку која израснав  и низ која, сè уште, созревам како човек, најголемото богатство се оние што останале и веќе станале неизоставен дел од неа, ги има не повеќе од прстите на двете раце, но се како злато вредни, сите до еден!

8. Дали сметате дека имате правено големи животни грешки?

В.Ш. Како подобро би го спознале животот ако не преку своите животни грешки?! Еден мој колега со кога работев извесно време, знаеше на првото запознавање со други луѓе, да се пофали со својата работна биографија, која никогаш не била кривулеста, туку била права линија во постојан подем! Тогаш си велев тивко во себе, „колега, само мојата да ја видиш, колку амплитуди има од подеми и падови – и нема ништо рамно во неа?!“ Мене грешките ми се имаат случувано најмногу од принципиелни причини. Сентенцата „Принципите постојат за да се кршат“, можеби е лесно изговорлива, но во мојот случај е исклучително тешко  применлива. Не знам дали би ги класифицирал како грешки, но многу животни и, пред сè, работни понуди сум ги одбивал и без некое подлабоко размислување од најпринципелни причини. Просто, биле важни принципите! Серија од животни грешки ми се имаат случувано, а веројатно и во иднина ќе ми се случуваат, затоа што не ги распознавам лесно и секогаш – користољубието и зависта кај одредени луѓе, кои еден период ми се приближиле во животот, а во клучни моменти кога веќе не сум бил во оние амплитуди на подем во работната кариера  – просто исчезнувале од мојот живот! И токму  поради тоа што никогаш не сум ѝ припаѓал на шемата: „јас тебе – ти мене“ сум се поштедил од поголеми пакости. Нешто Господ чувал, а нешто и сам сум се чувал, па за среќа за сиве овие грешки што ви ги набројав не се осудувам ниту себеси ниту оние што влегувале и излегувале од мојот живот за пусти интерес. Таков е животот! Поприроден и поздрав ми е токму таквиот живот отколку измислените животи со уште поизмислени прави линии, со стрелката нагоре!

 9. Кои се Вашите лични стравови?

В.Ш. Интересно прашање со кое влегуваме во сферата на најинтимното. Прво што ми паѓа на ум, кога се во прашање стравовите, е еден наслов „Стравот е најверен човеков непријател!“ од детското списание со кое  растевме, „Политикин забавник“. Кога само ќе се сетам на тие мали детски стравови, кои тогаш ми се чинеа големи колку планини: еден од нив е оној  кога тивко се молев во себе да не забележи библиотекарката од Градската библиотека дека цел месец ја немам вратено книгата што ја изгубив! Велат дека стравот е постар и од срамот! Тоа се многу моќни чувства  во едно сентиментално воспитание со кое ние бевме одгледувани како деца. Соочувањето со стравовите во секоја животна доба раѓа одредена животна дисциплина која во клучни реални соочувања знае да биде единствен и добар разумен сојузник. Витешка е борбата со сопствените стравови, многу важно е секогаш исправен на нозе и со изострен ум да се биде кога се води таа непрестајна битка преку која животот нè соочува со стари потиснати  или новостекнати реални стравови. Лесно ѝ е на младоста која не знае што ѝ носи староста, ќе го парафразирам Шекспир, алудирајќи на тоа дека  пркосната младост не признава стравови. Во зреливе животни години, сè уште, може само да се кокетира со староста, иако го препознавам амалгамот од кој се составени моите сегашни и идни стравови; просто можам да ги визуелизирам неговите контури! Тој страв би го илустрирал преку еден стих од  Радован Павловски: „…дрвото од жал за птицата, на птица личи!“  Стравувам дали утре ќе се разбудиме како птица која одлетала од својата гранка засекогаш, или ќе се разбудиме како напуштено  дрво кое од жал за таа птица, почнува на неа да личи – соголено и во крик раскрилено! Стравувам дека утре може да се разбудиме во држава испразнета од својата младост, од својата најздрава и најпродуктивна популација. Стравувам дека стануваме земја на осамени и стари луѓе.  Стравувам дека сите заедно и млади и стари можеме да станеме обезимени и одродени од своето родно стебло, но не по своја волја! 

intervju.mk

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *