Не наседнувајте на лажни пораки во име на директорот на Бирото за јавна безбедност и од УЈП
Деновиве во МВР пристигнаа пријави од граѓани за добиенa електронска порака наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во наводна соработка со Европол, во која во вид на некакво барање за судско појаснување, примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела, кои ги нема сторено. Притоа, примачот на пораката се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела.
МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, ниту од било која институција за спроведување на законот. Овие електронски пораки се класичен обид за измама во кој целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на испраќачот со цел нивна понатамошна злоупотреба. Затоа апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани.
-Исто така, предупредуваме да не отварате линкови и датотеки кои се испратени во прилог на е-маил пораката која доаѓа од непознат испраќач, со цел заштита на вашиот компјутерски систем од малициозен софтвер. Воедно, информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот. Ги информираме граѓаните и дека во Секторот за компјутерски криминал е пријавено дека е изработена лажна веб страна на Управата за јавни приходи, од каде се испраќаат пораки за некакво задолжително пријавување на лажен линк. Апелираме до граѓаните да не ги отвараат ваквите пораки и да не ги оставаат податоците од своите банкарски сметки затоа што станува збор за измама – велат од МВР.