Затворските полицајци: Немаме лисици, палки, боди-камери, ни униформи?
Синдикатот на затворската полиција и администрација при Независниот синдикат на администрацијата денеска упати отворено писмо до директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов, како реакција на, како што наведуваат, јавните линчувања кон припадници на затворската полиција со укажување на проблемите со кои се соочуваат и на потребата од подобрување на правата на вработените и состојбите во затворскиот систем.
„Изминативе неколку дена имаше јавни линчувања кон припадниците на затворска полиција од јавни личности носители на функција пренесено од медиуми. Со дадените изјави за сегашната состојба во одредени затвори се поставува прашањето дали воопшто предхотник (директор на УИС) ви ги пренесе, укажа и објасни состојбите во затворскиот систем. Со ова отворено писмо до вас и јавноста а околу случувањата во КПУ ‘Затвор Скопје’ од страна на Синдикатот на Затворската полиција и администрација на Македонија ќе ви одговоривме со: ДАЛИ ЗНАЕТЕ. Дали знаете кој е оптимално потребен број на припадници на Затворска полиција во Затворот ‘Скопјe’ за вршење на тековни активности“, стои во писмото.
При тоа од овој синдикат ги наведуваат бројни проблеми со кои се соочуваат во извршувањето на нивната работа во однос на условите на работа и заканите по нивната безбедност на кои што се изложени од, како што велат, одредени криминални групи надвор од работното место.
„Дали знаете колку има опожарени возила на припадници на Затворската полиција? Дали знаете дека се фрлаа бомби во куќа на директор на затвор? Дали знаете дека има постојани закани кон Затворската полиција? Дали знаете дека после работа одредени криминални групи ги пресретнуваат затворските полицајци и физички се малтретирани?“, прашуваат од Синдикатот на Затворската полиција
Тие прашуваат и дали директорот на УИС, е запознаен кога имаат последен пат земено комплет службена униформа, дека некои припадници немаат задолжено средства за присилба (лисици, гумана палка, пепер спреј-солзавец…), дека речиси да нема држава каде што не се употребува електричен пиштол и дека нема набавено ниедна „боди-камера“ која е законска обврска и дел од опремата?
Се наведува и проблемот со обуката на вработените за употреба на боречки вештини, дека има припадници кои над 20 години не се обучени и упатени на гаѓање, дека немаат соодветни возила за транспорт на притворени и осудени лица, немаат посебна просторија при арестанско сместување во болница.
„Дали знаете колку припадници имаат напуштено и ќе напуштат работа бидејќи е неиздржливо да се работи во Затвор ‘Скопје’ и ‘Идризово’. Дали знаете веќе не е проблем платата за напуштање од работа, туку отсуство на лична безбедност, еден извршител на повеќе работни позиции во исто време“, се посочува во отвореното писмо.






