Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, испрати низа критики на сметка на ДУИ и претседателот Али Ахмети, прогнозирајќи му дека од партиски лидер ќе заврши како обичен криминалец.
„Раководството на ДУИ не само што ја изгуби својата суштина, туку и поединци од тоа раководство на крајот од политичката кариера ќе бидат запаметени по криминалот и корупција, но она што е пострашно, преку нивните семејства. Кога семејството ќе го вклучите во политиката, тогаш вие не сте го допреле дното, туку сте отишле подлабоко. Тоа се случува со семејството на дел од раководството на ДУИ. Тие се обидуваат да ја окупираат Македонија и на тој начин да станат милионери. Но, тоа е стара амбиција, сега сакаат да станат милијардери. Тие во денари се милијардери на грбот на народот. Им асистира полтронскиот партнер, СДСМ кое е раководено од ова раководство“, изјави денес Мицкоски.
Тој го советуваше Ахмети тие кои на овој начин го советуваат да испраќа пораки во јавноста, да им ги промени позициите или да престане на овој начин да го вплеткува семејството.
Според него, пораките од ДУИ дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална партија не проаѓаат во јавноста.
Од ДУИ му возвратија дека е лидер на криминализирана партија со тапија
„Секојдневната кампања на ВМРО ДПМНЕ против ДУИ, претседателот Али Ахмети, како и други членови на ДУИ, преку константно креирање на лажни вести е обид да ги затскријат вистинските антиевропски и антиалбански мотиви на водството на ВМРО ДПМНЕ“, соопштија утрово од ДУИ.
„Градоначалникот на Бутел бара да се избришат имиња на улици само затоа што се имиња на албански дејци, Мицкоски забранува издавање на дозволи за градби и легализации на албански фирми и сопственици, забранува да се дава работа на албански компании од страна на нивните градоначалници, бара моноетничка влада и вели дека никогаш нема да го смени Уставот и дека не го интересира што велат од Брисел и од Вашингтон за европскиот пат на нашата земја.Ова ВМРО ДПМНЕ е спаднато на историски најниското ниво без ниту една вредност и затоа нема доверба членството во нивниот претседател и во партијата, туку повеќе им веруваат на претходното раководство кое им носеше само победи. ВМРО-ДПМНЕ е судски потврдено криминално здружение со лично признание на пола партија пред суд“, порачаа од ДУИ.
Претходно Ахмети побара истрага за сите во ДУИ и најави дека никој не е заштитен, но не и лов на вештерки најавуван од страна на ВМРО-ДПМНЕ што , според нив, „ги потсетува граѓаните како имаат намера да владеат, а тоа е да бидат и истражител, и обвинител , и судија, и затвор, и медиум, и невладин претставник, се во едно, заробена држава!“
Од СДСМ пак порачаа дека во последниот случај „Феникс“ осомничените се теретат за злоупотреба на 57 милиони евра пари на граѓаните, за 11 споменици од Скопје 2014.
„Обемот на овој историски криминал најдобро се гледа ако се спореди вредноста на злоупотребените пари.На пример, една нова, современа и целосно опремена детска градинка за 200 дечиња чини околу 1,5 – 1,7 милиони евра. Тоа значи дека за 57 милиони евра можело да се изградат 33 нови детски градинки ширум државата.Ете зошто во времето на ДПМНЕ не се градеа нови детски градинки, не се градело затоа што се крадело. Од ДПМНЕ решиле дека наместо за народот, за граѓаните, за дечињата, парите треба да завршат во нечии џебови.Не се мислело на тоа да се создадат подобри услови за најмладите, не се мислело да се обезбеди соодветен капацитет, се мислело само на лично богатење.
Само преку еден случај 57 милиони евра злоупотребени, тоа значи дека се украдени 33 градинки.СДСМ за 6 години изгради и обнови 80 детски градинки, низ сите општини во државата“, порачаа од СДСМ.
За Мицкоски пак случајот „Феникс“, во кој се обвинети повеќе лица за перење пари и злоупотреба на службена положба за набавка на дел од споменици од проектот Скопје 2014, е театар и служни за дефокус, како што рече, од криминалиите на власта.
„Тоа што беше театар пред јавноста, а што беше прикажано пред некој ден вие го нарековте случај „Феникс“ е исклучиво и само со една цел, а тоа е дефокус од јавното мислење, за да се дивергира од оние коишто денеска купуваат со десетици милиони евра имот во центарот на Скопје. Ако имало дело тоа ќе било решено пред седум, осум, девет години. Второ, продолжува на тој начин да се негира македонскиот идентитет, затоа што на тој начин се фрла сенка на идентитетските обележја, односно тие споменици коишто имаат за цел да покажат еден историски континуитет за битката на македонскиот народ за своја држава и битката за својот сопствен идентитет“, рече Мицкоски.