Македонија Новости Став Топ Вести

Јанчев: Преспанскиот договор и НАТО не донесоа ништо добро за Македонија

Пратеникот на Левица, Саше Јанчев, денеска на својот Фејсбук профил остро го критикуваше Преспанскиот договор, по повод годишнината од неговото потпишување, оценувајќи дека тој не донел никаква економска благосостојба, туку напротив – го довел народот до уште поголема криза.

„Настрана духовната кастрација која му ја прави на македонскиот народ, економска благосостојба нема – освен во главата на премиерот“, вели Јанчев. Тој посочува дека наместо ветените придобивки, државата се соочува со зголемено задолжување, иселување на населението и негативен природен прираст.

Јанчев истакнува дека иако договорот беше промовиран како решение за долгогодишните спорови со соседите и пат кон Европската Унија, проблемите не само што не се решени, туку се зголемени, а преговорите со ЕУ и натаму тапкаат во место.

Според него, единствената вистинска цел на Преспанскиот договор била зачленувањето во НАТО, што, како што тврди, Левица од почеток го истакнувала како вистинската агенда.

„Сега сме дел од апарат кој премолчува геноциди и започнува нови војни на Блискиот Исток“, напиша Јанчев, обвинувајќи ги и домашните медиуми за учество во странска пропаганда.

„Преспански не ни требаше, а НАТО уште помалку. Време е да се напуштат и двете“, порача пратеникот на Левица во заклучок.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *