Kолумни

Јово Капо – (Capo di tutti capi)

Jово Капиџиќ омилениот Титов генерал и долгогодишен шеф на сојузната УДБА бездруго беше интересна личност. Кога го запознав имаше 93 години и спокојно го испиваше своето осмо утринско кафе во кафулето на неговиот син во центарот на Белград.

Со оглед на тоа што бев дел од екипата истражувачки новинари од Македонија, која во Белград беше дојдена во потрага по вистината за тоа каде се наоѓа вечното почивалиште на народниот учител Панко Брашнаров, генералот Јово Капа беше неодминлива алка во заокружувањето на приказната по која бевме дојдени. Она што за него веќе го знаевме, беше тоа дека Генерал Јова е човекот кој го фати четничкиот водач Дража Михајловиќ и од Вишеград го транспортираше до Белград за на рака да му го предаде на својот шеф Александар Ранковиќ, знаевме дека е еден од неколкутемина кои го создадоа озогласениот Голи Оток и дека е човек кој бил во врска со Даворијанка Пауновиќ –Зденка која подоцна му станува љубовница на Тито. И толку. Разговарајќи со него пред камерите, добивавме впечаток дека тој сака да зборува за се освен за тоа што бевме дојдени. Панко. Тврдеше дека не се сеќава, ама со сигурност знае дека на Голи Оток никој не е убиен иако е голема можноста луѓе да умирале од природна смрт,дека голооточките затворенци се лудачишта кои сакаат да си ја исчистат совеста од своите гревови кон татковината,а за човекот кој е предмет на нашиот интерес рече дека можеби малку сме задоцниле, бидејќи ако сме го прашале Цветко Узунов додека беше жив, сигурно ќе сме ја дознаеле вистината. Генерал Јова не сакаше ни да слушне дека врз голооточките затвореници е вршена тортура која ниту најболниот инквизиторски ум не може да ја замисли,дека телата на починатите се фрлани в море , а посебно се жестеше од споменувањето на можноста ,дека зад крвавата голооточка приказна стои Броз лично. 

Тоа беше Генерал Јово Капа пред камерите.Само што се исклучија камерите, на генерал Јова одеднаш му се врати сеќавањето и се потсетити дека оној што го бараме , најверојатно се наоѓа на гробиштата во Ријека притоа не пропуштајќи да додаде “Ја сам лично убеѓен да је онај о коме ви причате, заиста био крив”. Кога веќе му се врати сеќавањето, старецот со ” Парабелум” во внатрешниот џеб на сакото,народниот херој на Југославија, Титовиот генерал и шефот на сојузната УДБА Јово Капиџиќ не престана да зборува за своите подвизи. За тоа колку смрдлив и мрсен бил Дража при апсењето, за Тито кој за него бил и останал човек планета,за речиси 300.000 хрвати (усташи и домобрани) кои тој и командантот на војводинската дивизија Милан Баста ги стрелале како крастави кучиња на една пољана во Блајбург, за времето кога како југословенски амбасадор во Унгарија бил повлечен лично од Тито затоа што амбасадата ја претворил во јавна куќа, за јаловата борба на македонските партизани во Егејска Македонија,за тоа како му носел торби полни со пари на Мартин, братот на Маршалот, кој работел како скретничар на една Унгарска железничка станица и како другиот брат на Тито што останал во Југославија – Славко, до крајот на животот не го признал Тито за свој брат. Знаеше да зборува виталното старче и повеќе отколку што е потребно, но сакаше да остави впечаток, да импресионира, да покаже дека и после 90 –тата е тип кој може да ги помрднува работите. Народниот херој во занес ни објаснуваше како токму Ѓорѓе Божовиќ – Гишка несудениот крал на белградскиот асфалт токму овде во ова кафуле му целивал десница, дека Жељко Ражњатовиќ му бил редовен партнер на коцка “у Интерконтију” и за тоа како во својата куќа примил две студентки од внатрешноста од кои наместо кирија барал само да се тушираат со отворена врата. Единствената корисна работа што шефот на УДБА Јово Капиџиќ ни ја кажа во врска со Панко беше таа дека неговото тело не е фрлено в море и дека некаде постои евиденција која УДБА беспрекорно ја водела во тоа време. Така и беше. Евиденцијата на голооточките затвореници ја најдовме во Државниот архив на Хрватска во Загреб,а со тоа подоцна и местото на кое почива велешкиот учител. Се прашувам, какви ли само времиња беа тие во кои Хокштаплери како овој од мојава приказна, им судеа на такви човечки големини, како онаа на Панко Брашнаров. Едно е сигурно. Брашнаров никогаш не стана народен херој….ако условот бил да се биде макар и малку сличен на моралната и човечката вертикала наречена Јово Капо…и поарно што е така.

П.С. Ова е клучниот документ до кој јас, Владимир Тевчев и Дано Стевков дојдовме како потврда дека во 2011 година го пронајдовме вечното почивалиште на првиот претседавач со АСНОМ, велешкиот учител Панко Брашнаров.

Своерачно

Kukuleff

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *