Пишува Сузана Камберова
Прекумерна интелектуализација е она што за жал ме одбива да читам дел од понудата надомашните автори. Далеку од тоа дека е тоа појава која доминира, но присутна е во доволна мера за да стане забележлива. Од чудни наслови кои звучат ефектно, но не означуваат во суштинаништо, па сѐ друго понатаму, како да е извадено од некој паралелен свет, без вистински корен во реалноста, а не е фантастика.
Не сакам да се пробивам низ шума на зборови нафрлани така да создаваат бизарни комбинации од квази-интелектуални реченици и творби, чукајќи си ја главата да разберам што се обидува авторот да ни каже и зошто треба да ги искомплицира наједноставните работи, прикажувајќи ги толку „уникатно“, да не може да се препознаат, освен ако ја поседуваме шифрата за декодирање на текстот, која им е достапна само на култот просветлени читатели.
Која е смислата на таквите загатки?
На крај, мислам дека и не му се обраќа на читателот, туку сака повторно да се создаде себеси, како некој голем ум. Самиот на себе си е цел, а читателите му се средство.Треба да се прави разлика помеѓу интелектуалното и прекумерна интелектуализација и секако, креативното творештво кое не е само некој вид интелектуално преработен личен дневник, составен од белешките од авторовата психотераписка сеанса.
Изразот “overintalectuallization”, кој на наш јазик се преведува со два збора, како “прекумерна интелектуализација“, прв пат е употребен во 1901 година. Една дефиниција поимот го објаснува вака:
„Прекумерната интелектуализација може да ни помогне да ги решиме проблемите и да ја разбереме ситуацијата. Но станува опасно кога постојано ја користиме за да избегнеме од емоциите. Интелектуализацијата може да направи да изгледа дека се работи за соочување со реалноста на ситуацијата, но всушност ние само се дистанцираме од нашите чувства.“
Писателот не смее да бега од емоциите.
Таквиот однос може да е извор на проблеми и во секојдневниот живот, но за еден амбициозен писател е пропаст. Да сум на негово место, повеќе би би ми значела поддршката од бројни задоволни читатели, одошто од куп критичари. Писателот е жив кога создава за публиката, за читателите, не за критиката. Квалитетот секогаш ќе се филтрира, без оглед на тоа што и шунд-литературата има бројни приврзаници.
Оној што решил да пишува мора да се оголи, некогаш скоро недвосмислено, никако да се сокрие зад ѕид на замаглени мисловни поими и банална анализа на емоциите.
Треба да биде разбирлив и да пишува автентично, не со нејасни кодови извадени од, саму нему познатиот, внатрешен свет. Не смее да се скрие од читателот, да му избега и да му ја одрече вистината, подметнувајќи му ги своите анализи на она што требало да се чувствува. Читателот не треба да се се осеќа како да е на тест или на испит, туку во пријателско опкружување.
Криење зад интелектуализација, често сосема неразбирлива за сите, па и за оној кој пишува, конснтрукции или цели светови на премногу интелектуализирани концепти и поими всушност е промашување, а имам чувство дека токму тоа се негува во современиот литературен израз.
Писателот треба да допре до емоциите, своите да ги употреби, а кај читателот да ги разбуди, а интелектуалноста да ја користи како алат за тоа, за да не се сведе на вулгарност и баналност.
Сѐ друго, колку и да е фалено и воспевано, е комплетно безначајно од уметнички аспект.
Кој сака да биде чист интелектуалец, подобро да пишува есеи и филозофски трактати, но не и литература, во која, како во рецепт за врвна торта, мора да се задржи прецизно соодносот на сите состојки, емотивното и интелектуалното, за вкусот да биде незаборавен.