НАДВОР ОД КОМФОРТ ЗОНАТА
Е ПАТОТ КОН ЉУБОВТА
Она кое веќе со месеци ми се крчка се три кои за 180’^С ќе ми ја сменат комфорт зоната:
– За неколку месеци, ако даде Бог ќе наполнам половина век живот.
– Ќе се руши мојата куќа, огниште, куќата на мојот татко, моите баба и дедо.
– Промена на мојот љубовен статус.
Сите три ствари кои ми се случуваат во ист период, придонесоа пред некој ден да се разбудам во два часот наутро, и кога конечно сфатив дека нема шанси повторно да заспијам почнав да се пакувам.
Се до моментот кога ја отворив комодата со спомени:
Среќни фотографии со моето семејство, фотки и спомени од домашните журки кои ги правевме јас и мојата сестра, белешки, писма од пријатели отидени по белиот свет, стари љубови,
фотографии од оние на крајот на школската година. Тие беа нашето единствено ” селфи ” кое и не бше селфи, туку те фоткаат еднаш годишно и само еднаш па како си испаднал си испаднал. Паѓавме од смеење гледајќи ги после години.
“Уф, ова било зезнато” си помислив. Оваа преселбава, прагот на староста и враќањето кон самотијата.
Ме облеаа измешани чувства – немир,тага, неизвесност и радост во исто време затоашто Бог ме благослови со соочувањето со самата себе, и конечно излегување од комфорт зоната во која се наоѓав ушушкана педесет години.
Ми се стегна грлото, сакав да заплачам, ама се засрамив самата од себе. И пуштив…пуштив да течат чувствата, сеќавањата, прашањата…
“Уште колку имам од животов?” Па ме преплави некаква агапе -љубов.
Додека го пиев кафето размислувајќи махинално скролав по фејсбукот забележав тажни објави кај еден фб пријател на кого во животов не сум му се обратила , но секогаш ми беше мил. Веднаш му напишав порака. Интуицијата не ме изневерила, тој навистина беше тажен. Договоривме средба и нормално му кажав дека ќе помине и дека го сакам.
Следната “те сакам”” жртва” на мојата ољубовена состојба беше една прекрасна уметница на која и беше роденден тој ден. Ја излеав љубовта и искрените комплименти кон неа и продолжив со својот љубовен поход. Се јавив кај неколкумина со кои со години не сме се виделе од немукает, нормално завршувајќи ги разговорите со ветување дека наскоро ќе се видиме и неизбежното ” те сакам.”
Потоа му напишав порака на еден школски другар( единствениот психијатар кого лично го познавам од оправдани причини, инаку нееее, не сум луда) во врска со статусот кој тукушто го објавив и ја побарав неговата стручност. И со него си скршив муабетче во стилот на “се сеќаваш ли кога… “за на крај и на него да му речам дека го сакам, Фрики нели?
Ама мене ми олесни, а на сите тие луѓе барем на момент им го разубавив утрто. Мислам, кој нормален би останал недопрен кога некој искрено ќе му каже дека го сака?
“Се однесуваш како Митке од Коштана. ” Забележа смеејќи се мојата драга колешка додека со сласт ги јадевме колачите од Палма. “во паузата..”Па стварно не си тачна!”
“Зошто? Зарем треба да имам грижа на совест што ги погалив луѓето барем со зборови и од срце?”
“Па не, во право си, ама нема секој такви пеперуткасти љубовни антени како тебе. Кај некои се закржлавени.”
“Има, има” – реков ” само треба да им ги извлечеме и ќе вибрираме сите на една повисока Божествена фрекфенција”.
И се прашувам:Како и кога стигнавме до тоа расфрлањето со љубов да се третира како луда и ненормална работа кога “штом љубов немаме сме само прапорци што ѕвечат?”( св.Павле)
Ех, требаше да излезам надвор од комфорт зоната за да излезат од мене сите можни гасеници претварајќи се во пеперутки.
Премрежијата всушност се прекрасни. Повеќе се радуваш на животот кога ќе ги поминеш, отколку кога цело време би ти било се потаман.
Си ветив на себеси дека ќе ги остварам сите тие средби кои сме ги пропуштиле од немукает, ајде друг пат, ај има време, со сите оние на кои вчера им реков “те сакам.”
А има ли време?