Македонија Новости Став Топ Вести

Од полноќ нови цени на бензинот и дизелот во Македонија

Новата недела носи нова пресметка на цените на нафтените деривати во Македонија. Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) денеска се очекува да донесе одлука за највисоките малопродажни цени на горивата, по што ќе биде познато дали бензините и дизелот од полноќ ќе поскапат, ќе поевтинат или ќе останат со истите цени.

Според последната одлука на РКЕ, која се применува од 3 ноември, цените изнесуваат:

  • ЕУРОСУПЕР БС-95 – 93 денари за литар
  • ЕУРОСУПЕР БС-98 – 95 денари за литар
  • ЕУРОДИЗЕЛ – 100 денари за литар
  • Екстра лесно масло за домаќинство – 110 денари за литар.

Во меѓувреме, на светските берзи нафтата бележи пад. Според податоците од денешното тргување, цената на северноморската нафта „Брент“ се намали за 1,5 отсто и достигна 96,91 долар за барел, додека американската сурова нафта WTI падна за еден процент, на 89,85 долари за барел.

Падот следува по минатонеделниот остар пад на цените, кога „Брент“ загуби околу 16 проценти од вредноста. На пазарите влијаат очекувањата за намалување на тензиите меѓу САД и Иран и можноста за дипломатско решение на конфликтот. Сепак, нападите врз бродови во близина на Ормускиот Теснец и натаму создаваат неизвесност околу снабдувањето со нафта.

Движењата на светските берзи се еден од факторите што влегуваат во пресметката на домашните цени, но конечната одлука зависи од пресметката на РКЕ.

Новите цени, доколку има промени, треба да почнат да се применуваат од утре, на 10 ноември, на полноќ.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *