Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на свеченото отворање на новиот производствен капацитет на компанијата „АСП-ПАК“ ДООЕЛ во Охрид.
По отворањето, предвидено е Мицкоски да даде изјава за медиумите.
„АСП-ПАК“ е компанија основана во 2000 година, кога започнала со инвестиција во опрема за производство на плетени полиетиленски производи наменети за пакување земјоделски производи.
Нејзиниот асортиман опфаќа производи за земјоделството, градежништвото и индустријата, кои се пласираат во повеќе од 50 земји. Компанијата соработува со над 500 клиенти ширум светот, меѓу кои и на пазарите во Европа и Северна Америка.
Во производствената програма се вклучени заштитни и противградни мрежи, мрежи за засенување и заштита од ветер, мрежи за градежни скелиња, како и различни видови мрежести вреќи за пакување земјоделски и индустриски производи.






