Kолумни

НОВОГОДИШНИТЕ ЖЕЛБИ НА ОБИЧНИОТ СМРТНИК

Пишува Цаци Митровска

Седи обичниот смртник во дневната соба, удобно сместен во дупката направена од бескорисно, но мисловно корисно седење на дотраениот кауч, наследство од родителите и со чаша, додуша малку скиснато винце, гледа некои емисии од типот ,,поздрав до емисијата”. На моменти го трга погледот од телевизорот и ужива во сјајот на малите светулки кои трепкаат на помалку искубана од дотраеност, новогодишна елка. Оваа година факман испадна, немаше доволно лампиони и украси за да ја накити од сите страни, па ја стави во ќошот, ја накити богато од предната страна, од кај што се гледа, а задната ја забошоти, остана без ниту едно лампионче, ама па, во ќошот никој нема да види. Под неа ги настава празните кутии завиткани со шарена, светлуцава хартија што секоја година ги става под елката, да биде нели богато, као со многу подароци. Од парите што му останаа како заштеда кога пазаруваше во маркет по новогодишни цени, нели оние намалени со цел потрошувачите полесно да ги поминат новогодишните празници, поткупи нешто, едно пакетче за малото, а за големото му купи од Тему часовник, попуст, поени, шипинг мипинг го ќари за 300 денари ама па ист е како оригиналот, леле колку ќе се израдува, дека поголем, средношколец, мангуп ќе биде со часовникот. А за жената, за жената, ха ха сам си се насмеа, зема една од кошулите бутната во дното на плакарот, за која знае дека ја купи, никогаш не ја облече и заборави дека постои, ја спакува во светлуцава хартија со срциња и ја стави под елката.  И така, седи, гледа во телевизорот и си размислува што да си посака во Новата Година. Хм, имам желба да отидам оваа година на море, абе многу сакам на море, ама да одам на море како господин, а не да полнам гепек со патлиџан, пипер, компир па до јајца за да поминам поевтино, абе брат, да отидам на море како господин, со рацете во џеб и картичка во новчаник. Ама за така, ќе треба сам да одам, колата и онака ми нема таблици со она на С, што ми е гајле, ќе одам со автобус, само не знам дали да одам кај јужниот или кај источниот сосед, ќе размислам дополнително, прво да смислам план како да одам. Оф, ама заборавив дека немам пасош со името на С, од еден инает не извадив пасош дека не го сакав тоа името што почнува на С. И како ќе одам на море без пасош? Се мисли, се мисли и извика од радост – ми текнаааа, ќе се престорам во женско, ќе го земам пасошот на сестра ми, таа кокошка го смени пасошот, а замисли еден месец пред тоа само што извади нов и оп, после пак треба да се менува и кокошка, одма го смени, си даде пари уште еднаш. Е, значи ќе го земам пасошот на сестар ми, ќе се облечам како женско, малку шминка, некоја перика и средена работа бе, сам на мореееее браааат. Ама па ако ме фатат. Хм, не бе, не, морам нешто друго да смислам. Знам, ми текна, ќе му речам на колегава што оди со кола, сам со жена му, тој и онака никогаш не м`кне ништо од тука, ќе му речам да ме сокрие во гепек, што, ќе легнам во гепек, одозгора ќе стави некоја торба од жена му, што носи гардероба за 7 дена као да ќе седи еден месец и готово, јес да ќе се скичмам 7-8 саати возење ама сам на морееее браааат. Хм, ама па ако ме фатат, ај јас што ќе нае*ам, ама и колегава ќе го ставам во беља. Не, не, не го бива и ова, морам нешто друго да смислам. О, ми текна, ќе го облечам оделово што ми е за по свадби, пази брат, црно одело, бела кошула, кравата во риги, ципела шпиц, лакована, ќе го земам и часовников од син ми што му го купив и аууу ќе бидам даса ипол браааат, накај два. Така стокмен ќе наликувам на некој политичар, министер, господин брааааат. Ќе си го земам пасошот без С и пази, кога ќе ме види на граница тој граничарот, ќе се стаписа од мојот министерски изглед и нема да погледне ни пасош, ни дали има С или нема, нема да ме праша кој сум, што сум пошто ќе биде фасциниран дека имал чест да погледне во очи еден политичар и ќе пројдам брат, така сигурно ќе пројдам и после брааааат, цела недела сам на море, па провод, па женски, боооо брат, топ одмор.

Од слаткиот сон, засладен со скиселено винце го тргна тропањето на вратата, по силината на тропање знаеше дека тоа е неговиот син, поголемиот, средношколец кој уште не влезен почна да вика – татаооо, пак добив кец и по математика и по историја, класната, онаа нетачната ми вика – од тебе ништо не бидува, ти ќе бидеш вечити средношколец. Протресе со главата обичниот смртник, за да ги растераа новогодишните желби од главата и си прошепоти сам во себе – Ај батали море, дај да се приберам, да гледам да пазарувам повеќе од производиве со пониски цени, да заштедам некој денар за да можам да му купам диплома на малиов. Потстана од дупката во каучот и му свика на синот – Јас ќе се разберам со класната синееее, она на тебе, и не се секирај, ти само да си ми жив и здрав, ќе бидеш сине, ќе бидеш политичар.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *