Пишува Цаци Митровска
Влегува обичен смртинк во маркет и прво што гледа црвени етикети со на нив отпечатено ,,Помалку трошоци повеќе за тебе”. Аууу добро е, си вели, ќе заштедам некој денар. Наоѓа се што му треба од списокот, направен пред да излезе, со радосен израз на лицето што од сметка од околу 2000 денари ќе заштеди 150 денари и плус што ќе ја скенира сметката ќе добие 15 денари и тргнува по рафтовите да види, да не случајно најде некоја диплома да си купи, кој знае, можеби ќе успее со истата да влезе во некоја државна институција и да се ратиса од физичката работа и да си го зголеми за во иднина процентот за повисока пензија, да може под старост освен за лекови и сметки, да си приушти и некои ситни старечки задоволства или да тргне на страна за недај Боже. Ништо, нема по маркетите дипломи по новогодишни цени, не му преостанува ништо освен да се врати на утовар со ишијасот и лумбагото заработени од тежини или на каса каде стои на едно место 7–8 саати со попуштени вени, а во себе си вели, кога ти викаше тате – учи сине – ти не тате, шофер ќе бидам, продавачка ќе бидам. Уствари вистината е таа дека, тогаш си знаел дека нема татко ти пари да ти плати факултет, а денес немаш доволно пари да си купиш диплома. Излегува од маркет па како за утеха си збори сам со себе, не бе, не ми треба купена диплома можам јас, и повторно прави пресметка во себе колку пари заштедил денес, и оп, математиката вели ќе има за пакетче за детето. Е за таква радост не му треба никаква диплома.
Доаѓа викенд, ден петок, се спрема да си оди дома, не дома тука во Скопје, домата му е стотина килметри од Скопје, дека градот е држава, во кој може полесно да најдеш работа, во неговото мало градче нема фабрика, а сите келнерски и касиерски места се веќе зафатени. Додека се вози во меѓуградскиот автобус кој од дупките на автопатот тресе како 5 степени по Рихтер и му ја рашрафуфа и онака веќе рашрафената кичма, па на секоја болка повторно му надоаѓа мисла – ех, да си купев диплома можеби ќе можев да се докопам и до некое министреско место, па шо, таму треба само да знаеш да лажеш, да му се упикуваш на шефот ама па затоа, ќе си земав шеесетина илјади евра за патни трошоци, ќе си купев поасален автомобил од мојата скапана Алфа Ромео што кмичи у гаража расипана и ќе си одев со кола на работа. Па ко ќе ставам толку тошок за гориво, толку за сервис, толку за зимски гуми, толку за летни, па ми цркнал мењачот, а ќе договорам со другар ми Миле као сум го сменил, а нема да го сменам, уууу толку дубари можам да направам што можам да стасам и до 100 000 евра патни трошоци. А замисли, влегувам во она владиниот ресторан, ааа нема веќе појадок геврек и јогурт, пошто бурекот е скап, нема веќе леб и паштета од онаа од дваесетина денари, бифтек брат со салатиче и замисли десерт на крај. Народов збори демек како за евтини пари се хранеле во владин ресторан, а не им било гајле за болните по болнициве што јаделе кифла за доручек, кифла за вечера и скоро па секој ден ориз и батак, абе што болниците, па они не се таму да се ухранат, таму се да се лечат, а ги лечат, не дека не ги лечат, е сега може наместо лек да си добие обичен физиолошки раствор ама ги лечат де. Се враќа со мислите на исхраната во владиниот ресторан и си вели, замисли секој ден гозба и тоа се само од плата, патните трошоци не ги пипам, ќе ги чувам да си купам некое станче. Кај би купил, кај би купил, мхм да, би купил во оние новите што се градат до Ист гејт, министер брат, мора да имаш станче на видно место, не знам само, не дека местото има проблем со канализација, ете такво е, урокливо и секогаш молот се поплавува на поголем дожд, не знам дали и другата страна кај зградите би се поплавувало ама ќе видам ќе се распрашам за тоа. Замисли 4 години мандат, 4 стана само од патни трошоци, си ги обезбедив и внуците, а ќе си направам и некоја викендичка во Маврово, да Маврово, таму е елитата, викендица доста ми е една. Децава ќе ги запишам на оној приватниот факултет, таму само дај пари кај овој, кај оној и испитот положен, ќе завршат во рекорден рок, ќе ги сместам во добри фирми, нормално ќе си имаат станчиња, за викендици сами ќе си заработат, па не можам се јас.
Автобусот наидува на поголема дупка на автопатот меѓу народот наречен ,,крпен живот”, едно добро трескање на автобусот без амортизација и обичниот смртник го будат од занесеноста во подобар живот со купена диплома неговите ишијас и лумбаго. Протресува со главата како од сон да се буди, гледа низ валканото стакло, уште малку и дома сум.
Следна мисла, дали се дојдени сметките за струја, ах што си го продадов шпоретот на дрва, јас ќе сум го спасел светот од загадување.
Продолжува…