Ковачевски: Даваме шанса на ВМРО – ДПМНЕ за прв пат да учествува во ноесењето на одлука за остварување на стратешка цел на државата
Даваме шанса на ВМРО – ДПМНЕ за прв пат да учествува во ноесењето на одлука за остварување на стратешка цел на државата, ја повикувам да остане во процесот, сега треба да се оди кон имплементација на тоа што беше договорено а не кон толкување на тоа што некој сакал да каже, бидејќи главен заклучок од лидерката средба е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени, рече денеска во одговор на новинарско прашање претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.
- На прес конференцијата главен заклучок е дека ВМРО – ДПМНЕ не е против уставни измени. Тоа е прво и најважно. Во текот на целиот изминат период тие обвинуваа дека со уставните измени и внесување на други делови од народи во преамбулата на уставот државата ќе била бугаризирана, асимилирана, ќе сме го изгубеле јазикот, идентитетот, културата. Ние кажувавме и кажуваме, фактите говорат дека тоа не е точно. Меѓутоа сега и ВМРО – ДПМНЕ потврди на таа прес конференција дека нема ништо против уставните измени, рече Ковачевски.
Тој потсети дека разговорите на средбата се однесуваа и на можноста ДПМНЕ да влезе во заедничка Влада, којашто беше прифатена.
- Таму се разговараше дека ВМРО – ДПМНЕ сака да влезе и да биде дел од Владата, што ние го прифативме. СДСМ е подготвено да отстапи 50% од своите министерски места во Владата. ВМРО – ДПМНЕ имаше уште еден услов а тоа е ДУИ да не учествува во таа Влада. Јас тоа го оценив како барање коешто може да предизвика одредена политичка динамика, меѓутоа ДУИ експресно на самата прес конференција тоа го прифати, рече Ковачевски.
Сега останува ВМРО-ДПМНЕ да остане во процесот и дијалогот да продолжи, додаде тој.
-Ние како партија која е државнотворна, кога секогаш ги носела најтешките и најголемите одлуки во државата, му даваме шанса на ВМРО – ДПМНЕ за прв пат да учествува во ноесењето на одлука од која зависи остварување на стратешка цел на државата. Сега останува на нив да останат во процесот. Бидејќи дематнирањето или излегувањето од рамката на тоа што беше на таа прес конференција искажано, сметам дека би претставувало големо разочарување како за граѓаните така и за меѓународната заедница која што навистина овој пат, сака да ја види Северна Македонија да го продолжи својот пат кон ЕУ – интеграцијата и во 2030 година да станеме земја членка на ЕУ. Тоа што беше кажано на прес, за нас е прифатливо како што гледате и за ДУИ е прифатливо. Другите политички партии во нашата коалиција и ЛДП и НСДП и ДОМ излегоа веднаш со соопштение дека да, за нив тоа е прифатливо. Сега треба да се оди кон имплементација на тоа што беше договорено и кажано, јавно соопштено, а не кон толкување кон тоа што некој сакал да каже, бидејќи тоа што беше кажано тоа беше и разговарано, рече претседателот на СДСМ и премиер, Димитар Ковачевски.