Силјановска: ВМРО-ДПМНЕ не правеше кворум за Кривичниот законик туку гласаше против
Кандидатката за претседател, Гордана Сиљановска-Давкова, во дебатата на претседателските кандидати на МТВ зборуваше за владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата. Според неа, сите држави имаат своја мафија, но само во Македонија мафијата има своја држава.
„ Ако застанете зад измените на Кривичниот законик и со тоа овозможите амнестија за тешки кривични дела, тогаш вие, господине Пендаровски учествувате во корупцијата. Јас и ВМРО-ДПМНЕ не правевме кворум туку гласавме против измените на Кривичниот законик, факт што го констатираше и Делегацијата на Европската Унија во Скопје. Вие велите дека не сте ставиле вето на измените на Кривичниот законик затоа што пратениците и онака повторно ќе го потврделе во повторената постапка. Но, Претседателот треба да стави вето за да го испочитува Уставот и така да не дозволи криминал и корупција,“ рече Силјановска.
На прашањето за потребата од уставни измени, таа одговори дека на Македонија ѝ е потребен сосема нов Устав, изработен од експерти по уставно право.
„ Проблем е што имаме две влади во една, два парламенти кои немаат комуникација меѓу себе. Потребни ни се темелни уставни измени на овој ,франкенштајн’ од Устав. Она што нам ни треба е кога ќе го врати претседателот законот, Собранието да мора да одлучува со 2/3 или законот да подлежи на оценката на Уставниот суд пред повторно да дојде пред Собранието“, порача Силјановска.