Пишува Лидија Ѓорѓевиќ
1.
До пред да дојде “есента во нашиот крај”, фино- лепо секој ден си пешачев со брзо темпо покрај Вардарот ни македонски. И ете, дојдоа “лоши времиња” како од небото, така и во мојот”. Хедонисти како мене многу лесно се прешалтуваат од “спорт” на покреативни нешта какошто е готвењето храна и ѓезмишењето во двор со мислата “Ај од вторник ќе си се вратам јас пак на кејот!”
Кога тоа – почнаа дождовите. Имаше и периоди на “местимично облачно време”, но мислата”-нема сонце, кај и да е, ќе заврне” како подмолен пријател ме одвраќаше.
Денес се разбудив гладна ко аждаја. Си отидов ко наркос кој кризира и си купив една пастрмајлија(доручек ли е тоа бре!?) и со сласт си ја изедов.
Крај на првиот чин.Завесата не се спушта, допрва се подига
2
Имам пријател кој го запознав на фб, господин човек во пензија со кого ми почнуваат утрата. (Не бидете перверзни, не на тој начин). Додека во пет го пијам утринското кафе Симон ми посакува “Добро утро Лидочка” и обавезно ми испраќа некоја убава поезија ,мелодија или виц.
Инаку и Симон е исто хедонист како мене. Иако пред неколку години доживеал инфаркт он си пуши, си јаде благичко, банички, воли да попије и си сака сладок живот. Додека лекарот му правел коронографија Симон му кажувал вицови. Да не му биле зафатени рацете на докторот сигурно ќе се крстел.”Абре шо чудо од чоек ќе беше!? Јас во артерии ти брцам ти вицови ми кажуваш?!” Е таков е Симон, си игра со животот, или пак животот му е игра.
Знае понекогаш да ме поздрави кога поминува кај мене на работа.Ќе ми донесе боза и трилече, ќе се изнасмееме и ќе си замине. И еве ти го денес пак. Случајно имал некоја обврска и ми се појавува со цигарчето во рака, мустаќите му пожолтеле од тутунот, целиот насмеан ме прашува:
-Што да ти земам за јадење?
Во секунда ми текнува на пастрмајлијата што ја фукнав пред само три часа, и му велам:
-Не треба ништо, не сум гладна.
-Лазањи може? – не симнувајќи ја насмевката ме прашува.
-Епа може лазањи – му одговара слонот во мене.
Ете го за кратко време се враќа Симче со топла лазања за мене и вруќа гибаница за себе.
Крај на вториот чин.Завесата е веќе две третини подигната
3.
Харли е истотака мој пријател кој често доаѓа кај мене на работа, но чиста спротивност на Симче. Харли не пие, не пуши, не јаде нездрава храна и се грижи за своето здравје. Харли е еден продуховен маж, кој иако по професија е музичар, мислам дека би бил добар учител или свештеник. Но ете, животот го однел во други води.
И додека јас со лазањата и Симе со гибаницата си муабетиме, во продавницата улетува Харли. Купува некои суплементи за својот болен татко и ја почнува својата беседа дека луѓето воопшто не внимаваат на своето здравје, дека телото си памти, дека е битна превенцијата….и се што кажа беше вистина. Во збор му се уфрла Симе и му вели:
– Јас да ти кажам, колку му е на човек свеќата и колку му е пишано да му догори.
-За да гори свеќата треба кислород – мудро пресекува Харли, ја зафрла својата долга коса и не отпоздравува со ” Чувајте се”
Јас и Симе се погледнуваме, па тажно погледнуваме накај нашите превкусни нездрави оброци и остануваме ко покакани голуби.
Не помина саат време откога си отидоа Харли и Симо, мене умот почна да ми се преселува исклучиво во лазањата. “Држи воду, док мајстори оду”, во случајов додека сладострастието не ти стане над се.- Ужас!. И почнувам да јадам. Прво ми е вкусно, после “кнедла” ми застанува во грлото, ај налет…и баталив. До наредниот час. Кога ја фукнав” во лет”!
Крај на третиот чин.
4
Се враќам, поточно тркалам накај дома со мислата”Шта ми је ово требало” и почнувам со вообичаените домаќински обврски, додека во глава ми се мота мислата дали утре да правам ќофтиња со пире за ручек или некоја турли- тава. Ете го пак демонот кој се закатанчи.Гледам низ прозорецот, веќе се стемнува, паднале”две капки” дожд “Аааа ни денес не е за пешачење” си помислувам одејќи накај спалната со намера да си пуштам некоја релакс музика и да ја дочитам книгата која ја почнав вчера. Гледам пропуштен повик на мобилниот.
Рудолф! Рудолф е еден згоден убав фраер кој редовно си планинари и исто како Харли внимава на своето здравје. Скоро секогаш сериозен и шкрт на зборови, дури и малку стегнат како во своите мускули, така и во своето држење своите воспитно- образовни шамарчиња секогаш ми ги пакува во кратки реченици. Некогаш ми иде да го “шљапнам по дупе”, или да направам некоја ќерефека само за да видам дали ќе се запрепасти од моето недолично однесување, или ќе му извадам малку спонтаност и олабавеност од тој војнички карактер. Да ти е срам пред него цигара да запалиш. Добро, добро, треба пред било кого да ти биде срам. Кој знае каков би бил во некое опуштено друштвоБи се прилагодил ли? Би ли малку? Би кажал ли некоја анегдота? Признавам дека во неколку наврати ме засрами со своите сфаќања и афинитети: Љубовта кон природата, планинарењето, прошетките во кои и јас понекогаш се приклучував. И ми текна дека за разлика од пешачењето со него оваа година, минатата година не отидов подалеку од “Идадија”, туку ВО “Идадија”.
Хм, би можела да си направам богата салата кога сме кај Идадија. Се подвратив во кујната.
-Ме бараше?- го прашувам додека џвакам од шопската.
-Да, онака да те чујам.
-Баталив малку пешакот, некако времето не се погоди…- со грижа на совест му се правдам.
-Зошто, болна си?
-Нее, па види какво е , роси.
-Какво е? Еве јас пешачам во моментов, супер е.
И така.
После разговорот со него, безволно ги требев парчињата сирење од својата салата.
Ете како Господ ни праќа” учители” да не сепне, ама кој да послуша.Утре за доручек јатки!
Ветувам.
Верувам дека ветувам.
П.с.Чувајте се