Левица против дисциплинската мерка за началникот на МВР кој ја поддржа Палестина
Левица е против дисциплинската мерка против началникот на МВР кој даде јавна поддршка за Палестина барајќи таа да биде повлечена и нарекувајќи го симптом на фашизам казнувањето за искажан став.
-По востанието на палестинскиот народ викендов, изречена е дисциплинска мерка за Аднан Синани, актуелниот началник во Одделот за безбедност на Министерството за внатрешни работи, поради давање на јавна поддршка на Палестинците и критикување на израелскиот режим. Аднан Синани е обвинет од страна на Наќе Чулев, кој објавува дека поддршката на Синани претставува закана за безбедноста на домашни и странски ВИП личности и делегации, како и закана кон САД- “најзначаниот стратешки парнер на Македонија”
Израелскиот геноцид на палестинскиот народ трае цели 75 години. Во овие 75 години, Палестинците се системски угнетувани, силувани, убивани. Израел го контролира пристапот до вода и струја во Газа; Дава палестински домови на израелски доселеници и колонизатори; Краде палестинска територија; Воведува фашистички и расистички закони за право на државјанство; Ги одзема основните човечки права на секој Палестинец- креирајќи го најголемиот затвор на отворено во Газа.
Иако апартхејдот на Израел против Палестина е добро документиран, зградата на Владата на Република Македонија неделава беше обоена со израелското знаме. Ковачевски на својот фејсбук профил упати поддршка за израелскиот народ. Македонија, можеби за прв пат во нашата историја, е на погрешна страна на историјата- се’ поради влада која сака да ги придобие симпатиите на ЕУ по секоја цена.






