Македонија Новости Топ Вести

Пендаровски ги потпиша законите за автопатиштата што ќе ги гради Бехтел и Енка

Стево Пендаровски ги потпиша измените на законите за изградба на коридорите 8 и 10д, кои минатата недела ги усвои Собранието по скратена постапка. Тој на 29 мај рече дека секој што се сомнева во уставноста на некои од усвоените закони, може да поднесе иницијатива пред Уставниот суд.  

  Текстот на измените на Законот за работни односи не ја содржат формулацијата за 60 работни часа, изјави денеска претседателот на државата Стево Пендаровски кој соопшти дека го потпишал законот, но и останатите четири кои беа усвоени во Парламентот за изградба на автопатиштата   што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка.“

„Во однос на законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи, сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон, не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, којашто предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината“, рече Пендаровски.

Пред да ги потпише измените на законот за работни односи, законот за експропријација, законот за градење, урбанистичко планирање и специјалниот закон, тој рече дека направил консултации со експерти од трудовото право, поранешни уставни судии и советници во неговиот Кабинет. Синдикатите, партиите и сите други страни имаат право да поднесат иницијатива во Уставниот суд, како институција која го дава последниот збор за уставноста на законите, наведе Пендаровски.

Тој исто така рече дека изминатите недели во јавноста се развила легитимна дебата за содржината на овие закони, но дека дебатата била употребена или злоупотребена од мал број субјекти за зголемување на и онака високата поларизација во нашето општеството.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *