Пишува Александар Сашко Кукулев
Воопшто не е чудно твоето незадовоство од мансaрдата на третиот кат на зградата што тате ти ја купи за да ја проживееш кризата на “младалачките ” години. Оттаму бездруго можеш да гледаш подалеку и од повисоко. Воопшто не ми е чудно што твојот фејсбук профил изгледа како рекламно пано на Victoria secret според разновидноста на “купачите” само еднаш носени на Кипар,еднаш на Шејселите и двапати во “Грчка”оти нели двапати исти “купачи” на плажа носат само сељанките и ќерките на фукарата, на рударите и конфекциските работнички. Јас разбирам дека светот ти станува мал, додека во три по полноќ со другарките ja “пафкате” најдобрата ганџа што во Скопје може да се купи и вознесено разговарате за стегите на диктатурата која ве гуши и ви го стеснува просторот за креативна реализација.Не те обвинувам ни што со толкав бес се нафрлаш врз сите кои студираат на државен факултет за двеста евра годишно, ниту пак кога се фалиш дека твоето образование во само еден семестар кошта повеќе од образованието на осум радовишанки и три светиниколски сељанки цели четири години. Во овие тешки времиња тебе низ град те вози џипот на тато и ти апсолутно немаш потреба да веруваш дека меѓу луѓето што ги среќаваш во мимоод има и такви што одејќи ѕвецкаат поради металните парички (тешко собирани) за ѓеврек што ги чуваат во џебот . За тебе се in влијателните на twitter, со кои убаво навалена во стилската “Џорџевич” фотеља лаконски постираш остроумности за човекови права и духовни слободи. Твојата t-shirt на која пишува Еби Барок e толку cool, што дури и на фејс примаш нарачки за штампање. Не е можно – зезаш ! им викаше на твоите колеги од факултет, кога гризејќи ги ноктите ти кажуваа за драматичните тензии у “земљава”. Се чудеше како у Монако на ТВ ништо не кажале затоа. Јас разбирам дека секое твое селфи на кое се гледа чинијата со диететски оброк и сортата на вино во чашата е неуспешна мисија ако евентуално си заборавила да ја напишеш и цената од 142 евра – плус коментар “јас као и обично.” На нова година кога си у “земљава”- “увек” идеш у Грчка и се чекираш со #ХаосПичкеЛудило, све због тоа шо Каролина и Слаткар се за бедна сељачаана која мрзне и гриза семенки на плоштад. Кога зборуваш на твојот Iphone со мајка ти , главна тема се сељанкиве у градот , нивните преефтини мириси, вештачкото крзно и радничката распореденост на фацијални црти, шо у ствари е одраз на “неодржавање на една жена шо не смее да си го дозволи”! Се тешиш со – “Али тоа е “ додека излегуваш од туристичка агенција во која успаничено си го уплатила 15 дневното бегство од новиот развој на политичкото стање. Не можеш да поднесеш сељачки речник. За тебе “пушење” никад нема да биде исто со “blow job” ! Навечер,пред да си легнеш, задолжтелно мрчиш поради омекшивачот кој на твојот чаршав го ставила жената што ви пушта машина по дома и во полу плач ја молиш мама, веќе утре да ја избрка.
Додека сон нејќе на очи…се прашуваш, до кога ќе трае “ситуацијава”…
Одговорот го знаат сите (освен изгледа ти).