Откако сите го одбија, Никола Димитров сам ќе си формира движење
Никола Димитров, според неофицијални информации, ќе формира движење кое ќе го објави на 27 април, откако не успеал да се испазари и да се најде прв на листите на ЛДП, ДОМ и на Максим Димитриевски, каде што амбиции да влезат повторно во политикта имале Ана Павловска-Данева и Петар Атанасов. Бидејќи беше дел од владите на двете главни политички опции, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, навестувањата се дека сега ќе игра на граѓанска опција и дека зад себе ќе собере поддршка од некои невладини организации, наводно Социетас цивилис и советниците од Шанса за Центар, а ќе настапува со политичка платформа која ќе се заснова на нов договор со Бугарија и борба против корупцијата.
По усвојувањето на француската рамка, која потоа стана преговарачка рамка на ЕУ, Никола Димитров беше еден од нејзините најжестоки противници, постојано изјавувајќи дека таа не треба да се прифати и во основа се приклучи на кампот на евроскептиците во Македонија.
Форматот, концепцијата и идеолошките точки на новото движење Димитров формално ќе го обелодени со објавувањето на движењето. Барем така најави во интервјуто во четвртокот вечерта на телевизијата 21. Тој претходно имаше обид да формира партија, но тоа за брзо време пропадна.
„Јас долго време јавно зборувам, не сум престанал да бидам активен. Никогаш не сум бил член на партија, работев речиси со сите и со сите сум се разишол, мислам дека е тоа здраво, кога човек верува дека се фатиле кривини многу е поздраво да се држи до своето убедување отколку да вика магарето лета“, рече Димитров во интервјуто.
Тој рече дека граѓаните ќе мора да почекаат уште неколку недели за да видат во каква форма ќе делува: „Не би можел сега тој план да го обзнанам. Тоа што можам да кажам е дека ние имаме проблем како граѓани, дека работите не ни се добри во државата. Тој проблем нема да ни го реши друг. Можат да ни помогнат нашите пријатели од Брисел и Вашингтон. Првиот чекор е да видиме колку граѓани има кои се незадоволни, што сакаат ред во оваа држава и што сакаат законот да важи еднакво за сите. Ќе има мегдан, ќе ги кажам моите битки“, рече Димитров.