Македонија

Граѓаните што не ги почитувале ковид-протоколите ќе бидат амнестирани

Собраниските пратеници ги усвоија измените на Законот за амнестија, со кои граѓаните осудени на високи парични казни поради непочитување на протоколите за време на ковид-пандемијата, ќе бидат амнестирани.

Во периодот по донесувањето на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба од страна на Претседателот Стево Пендаровски, од март 2020 година биле изречени голем број на парични казни за кривичните дела од член 205 „Пренесување заразна болест“ и член 206 „Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“ од Кривичниот законик. Согласно законските прописи, доколку во рок од две години изречените казни не се намират, судија за извршување на санкции со решение ги заменува со казна затвор.

Според податоците на Основниот кривичен суд Скопје, од јануари 2020 година до јуни 2022 година, само во Скопје биле поднесени 967 казнени налози за членот 206, по кои судот донел пресуда со која 1.223 лица се осудени на парична казна од 123.000 денари, односно 2.000 евра.

Заради неплаќање на парични казни, Основниот кривичен суд донел заменски решенија со кои на 280 лица паричната казна им била заменета со казна затвор.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *