Македонија

Институциите со поддршка на УНИЦЕФ ќе ја следат дебелината кај децата и адолесцентитe

Фондот за деца при Обединети нации УНИЦЕФ ќе го поддржи Министерството за здравство (МЗ) и други чинители во здравствениот сектор да се третираат трендовите на дебелина кај деца и адолесценти. Ова било договорено, меѓу другото, на денешниот состанок на министерот за здравство, Фатмир Mеџити и претставничката на Фондот за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ), Патриција ДиЏовани. Тие зборувале за зајакнување на националните капацитети и поддршка во препораките за ран детски развој и менталното здравје

Тие ќе потпишат годишна програма која треба да го подобри и квалитетот на здравствени услуги.

„Во делот на зголемување на ефективноста и ефикасноста на здравствените услуги, МЗ и УНИЦЕФ заеднички ќе работат на развој на капацитетите на здравствените работници, анализа и совети за политики за подобрување на распределбата на јавните финансии и човечките ресурси за имунизација“, наведено е во соопштението од МЗ.

Програмата исто така предвидува и континуирана поддршка на вакцинацијата.

„Ќе има масовна мултимедијална комуникациска кампања за потсетување на јавноста за достигнувањата во науката за вакцините и историјата на успехот на вакцините која е неопходна за да се врати довербата во здравствениот систем и вакцините“, стои во соопштението на министеството.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *