Македонија Новости Став Топ Вести

Вајц : Од 71 реформски чекор Македонија остварила шест

Најскандалозен неуспех по сѐ изгледа ќе биде Изборниот законик, кој треба да биде сменет

Се прават ли или не реформи во Македонија, ја одразува ли реалноста интервјуто на Томас Вајц иако е дадено во март, а објавено пред три дена, има ли задна намера зад потегот на Еуроњуз Бугарија или пак станува збор за новинарски превид – се дилеми кои се отворија откако  македонските медиуми ги пренесоа оценките на известувачот дека нема ни напредок, ни реформи, ни политичка волја да се прави тоа во државата и дека ќе му биде многу жал ако ја пропуштиме шансата.

Најпрво, странува збор за медиум под капата на Еуроњуз во Белгија, но со седиште и редакција во Бугарија. Според последните пишувања на „Еурактив“, зад Еуроњуз стојат компании блиски до Виктор Орбан, меѓу кои и телеком операторот кој стана четврт мобилен оператор во Македонија. Практично, интервјуто било правено во време кога пријателот на оваа власт во Македонија, Орбан, беше на власт во Унгарија, а објавено – откако доживеа катастрофален пораз и сите се оградуваат од неговата политика сега. Така, колку што е дилема зошто е сега објавено, толку е дилема и зошто не било објавено тогаш, кога владата на ВМРО-ДПМНЕ се уште беше под заштита на Будимпешта? 

Од друга страна, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски вчера порача дека спроведувањето на реформите на една влада не е прашање на субјективна перцепција, туку на мерливи резултати. Според него, ако државата не спровела никакви реформи, тогаш немало да добие 75 милиони евра од Планот за раст поврзан со Реформската агенда. 

„Ако не сме спроведувале реформи, немало да сме ги добиеле тие средства. Има три држави во регонот – Србија, БиХ и Косово, коишто ништо немаат добиено од Планот за раст, бидејќи не спроведувале реформи. Очекувам за последниот извештаен период, кој ќе се објави деновиве или во период од една недела, да имаме многу висока оценка во спроведени реформи и да добиеме во една транша околу 70 милиони евра. Тоа е наше очекување, ќе видиме колку ќе се материјализира. И да бидеме земја од Западниот Балкан којашто најмногу добила во тој момент преку една транша, бидејќи посветено работиме на реформите“, рече Муцунски. 

Точно е дека резултатите се мерливи и за таа цел ЕУ има разработено специјална алатка за мониторинг. На неа, пак, пишува дека до јуни оваа година требало да оствариме 71 реформски чекори, а од нив 15 го трошат и грејс периодот од една година, што значи влегуваат во „црвено“ со рокот.

Според министерот за евроинтеграција, Беким Сали, критични се десет точки, при што шест од нив се при крај со реализацијата, но има уште два месеци пред да истече рокот и да се финализираат. И, ова би било дури и добро ако не се знае што е тоа што не се остварува и ако не се знае дека тоа што се остварува според кашите критериуми – не значи дека е завршена работа и според перцепцијата на Брисел.

Па, така, еден поглед на реформската агенда покажува дека од сите обврски (18 чекори во жаргонот на Брисел) преземени во областа на фундаменталните права, владеењето на правото и правосудството формално сѐ уште не е е остварена ниту една и дека евалуацијата што треба да ја добиеме по јуни, треба да ги вклучи реформите што ги работиме сега. За некои од нив уште сега се знае дека формално се остварени а суштински не, како барањето на ЕК да се зголемат платите на судиите и обвинителите, кои се зголемија, не не така како што предвидуваат законите, туку според личната проценка на премиерот Христијан Мицкоски.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *