Македонија Новости Став Топ Вести

Собранието ја укината техничката влада

Техничката влада ќе има уште за следните избори, а за тие по нив ќе нема. За укинување гласаа 70 пратеници, а 11 беа против


Собранието попладнево го донесе Законот за изменување на Законот за Владата по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодната) влада. Т.н. пржинска влада беше воведена како ад хок решение за изборите во 2016 година и како механизам што ќе гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри предложени од опозицијата во 100-те дена пред одржување  на изборите.

Од 81 присутен пратеник  70 гласаа „за“, 11 беа против и немаше воздражни. Во расправата полемизираа пратениците од власта и од опозицијата. Според пратениците од владејачкото мнозинство, техничката влада е надминато решение, а опозициските сметаат дека ќе нема услови за демократски избори ако таа се укине. 

„Да престанеме да ја третираме македонската демократија како пациент на апарати и да покажеме дека може и функционира демократски. Законот го носиме заради институционална стабилност во иднина, да не останеме во пржинскиот лавиринт. Техничката влада беше ад хок решение за излез од кризата во 2015. По 11 години мора да покажеме дека сме способни за фер избори, без вештачки пржински модели“, рече Никола Мицевски, коориднатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Ги праша пратениците од СДСМ зошто им е потребен заштитетн механизам ако се сигурни во победата на следните избори кога последен пат ќе важи техничката влада.  

Мицевски рече дека во првата пржинска влада во 2016 немало деформитети, но тие според него се појавиле во следните технички влади „кога имаше надгласување на министри што носеа одлуки во нивните ресори“. Најголем деформитет, како што рече, е кога СДСМ  разрешил министер предложен од ВМРО-ДПМНЕ. 

„Тие моменти некој ги памти. Тогаш техничката влада почна да ги покажува своите анималии. Сите вие во неформални разговори кажувавте дека треба ден порано техничката влада да се укине затоа што е непродуктивна“, изјави Мицевски, додавајќи дека и во 2021 и во 2023 година, кога биле опозиција, барале укинување на техничката влада односно дека се конзистентни во ставовите. 

И пратениците на нивниот коалициски партнер „Вреди“ во текот на седницата се изјаснија за укинување на техничката влада. Аднан Азизи ја нарече „остаток од лошо минато“.

„Техничката влада е од времето на висока поларизација и ниска доверба дека владата може да организира фер и демократски избори. Тоа беше поради штетните политики на ДУИ со Груевски и Мијалков, кои ја уништија довербата во институциите и ова беше излезно решение. Но, тоа помина. Сега сме членка на НАТО и сме во релативно демокартска клима. Последните избори беа најдобри во историјата и според сите меѓународни фактори и не постои ниту еден аргумент техничката влада да продолжи“, истакна Азизи. 

Јованка Тренчевска од СДСМ во излагањето кажа дека техничката влада била предложена само за изборите во 2016 година, а во 2018 година на барање на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, тогаш во опозиција, преку консултации било договорено да се направи предлог-закон со кој техничката (преодната) влада ќе важи сè до влегување на Македонија во Европската унија. 

Според неа, власта предлага укинување на техничката влада по скратена постапка, „арогантно и без консултација со опозицијата, само со два информативни состанока“. 

„Техничката влада е механизам кој може да обезбеди минимални услови за фер  и демократски избори, тоа не е  привилегија на опозицијата туку законска обврска до создавање услови. Таа требаше да биде мост од заробена држава до демократска држава. Вие го урнавте тој мост пред да преминеме од другата страна на мостот, пред да станеме демократска држава. Денес имаме заробена држава, судство и медиуми под контрола на власта, полиција во служба на власта и во вакви услови техничката влада не смее да биде укината“, рече Тренчевска и побара предлогот да се повлече и да се почне со „широк процес на консултации за решение со консензус од сите четири големи партии“.

И реплицираше министерот за јавна администрација Горан Минчев, кадар на ЗНАМ, според кого, крајна цел на СДСМ е да не учествува на следните парламентарни избори.

„Овој закон е првиот дел од вашето сценарио. Не е точно дека се укинува, останува во сила само за следните парлементарни избори. Значи, вие не сте убедени во победата на вашите политички партии. Напротив, вие го рушите во континуитет мостот кој е воспоставен“, рече Минчев. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *