Собранието денеска треба да ја одржи 76. седница, на чиј дневен ред се Предлог за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата Јавен обвинител на Република Северна Македонија и Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против налегалната миграција.
Владата во Предлогот посочува дека разрешувањето на Коцевски се бара поради – направени крупни професионални грешки при раководењето на Јавното обвинителство; неовластено изнесување на информации и податоци за судски предмети со што ја повредил обврската за заштита на тајноста на постапката утврдена со Закон; нарушување на угледот на Јавното обвинителство и неговиот личен углед во целина не постапувајќи согласно обврските предвидени во Уставот, законите и меѓународните договори ратификувани во согласност со Уставот.






