Политиката ја оставам на политичарите, имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд големите случаи како „Онкологија“, Пулс“ и „Крмзов“, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за весникот Вечер.
-Не можев да ја следам целата дискусија во парламентот, овде во обвинителството имаме многу работа, особено по откривање на големите случаи каде што моравме да ангажираме и по неколкумина обвинители. Политиката ја оставам на политичарите и ќе употребам еден тежок збор, а тоа е пркос, пркос кон предметите за кои во моментов ве уверувам дека имаме многу цврсти докази да ги добиеме на суд : „Онкологија“ случај за кој и лично чувствувам обврска да го докажеме, потоа случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов, докажуваме криминал тежок 90 милиони евра, потоа убиствата причинети од криминалните пресметки и секако случајот за кој се обврзав пред семејствата дека ќе има правна завршница, а тоа е пожарот во дискотеката „Пулс“. Ние како обвинителство обезбедивме илјада докази за два ипол месеци срочени во обвинение за сторено кривично дело „Тешки дела против општата сигурност“, сега зависи од судот за колку време случајот ќе има судска разрешница, изјави Коцевски во интревју за „Вечер.прес“ еден ден по интерпелацијата која помина во Парламентот, на прашањето дали ќе си поднесете оставка.
Прашан дали Обвинителството има индиции за изнесените сомневања од страна на министерот за внатрешни работи дека зад пожарите стојат организирани структури, и за обвинувањата од страна на ДЗС дека станува збор за подметнати шумски пожари, и оти речиси и да нема казнивост за шумските пожари, Коцевски вели дека не се согласува со ваквата констатација.
-Јавното обвинителство кривично го гони секое лице кое е идентификувано од органите надлежни за откривање и за кое се обезбедени докази дека намерно предизвикал пожар. Сепак, точно е дека идентификацијата на овие сторители не е лесна, особено кога пожарите се предизвикани во ненаселени подрачја, каде фреквенцијата на луѓе е мала и нема камери или други средства за надзор кои можат да помогнат во откривањето. Меѓутоа, и тука имаме одреден напредок, во смисла на средства и дејства кои им стојат на располагање на надлежните органи, така што бројот на вакви предмети се зголемува. Исто така, тенденција на кривичното законодавство е постојано зголемување на санкциите и на казнената политика за кривични дела со кои се загрозува животната средина. Затоа би ги предупредил сите кои имаат намера да се впуштат во вакви дејства со кои ги доведуваат во опасност не само екосистемот туку и животите и имотот на луѓето, дека ќе се соочат со најстроги казни. Главниот проблем е што колкави и да се казните, нема да можеме да ја надоместиме штетата која непоправливо се нанесува. Затоа, кога станува збор за пожарите, клучна е и превенцијата и јакнењето на свеста кај граѓаните за одговорен однос кон животната средина, вели Коцевски.
Тој посочува дека врз основа на документацијата доставена од градоначалничката на Скопје за дивоградбите во Чаир, согласно со индициите, оформени се два предмета – едниот е во ОЈО Скопје, а другиот во Обвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција.
-И во двата предмета се постапува интензивно и се издадени детални наредби до Управата за финансиска полиција и до МВР за проверките што треба да ги направат. Не би можел да навлегувам во повеќе детали за конкретните дејства за да не ги загрозам предистражните постапки, но ќе се преземе сè што е потребно за да се истражат наводите во целост. Независно од ова, јавните обвинителства водат и други постапки за поединечни објекти – дивоградби и во Чаир и во други општини во државава. Некои од нив се во истрага, а некои и во судска постапка, појаснува државниот обвинител.






