Kолумни

На масата или под неа..

Пишува: Александар Сашко Кукулев

Не сум ни Малинка ни Капинка, аналитичарките што единствено во земјава се занимаваат со старата вавилонска ороспија, но морам да проговорам. Не можеме да останеме глуви на одекот од шамарите што од Брисел патуваат до ридестиот Балкан. Дали сме свои или нивни? Вековната дилема денес е погласна од кога било. Еден викенд смени сè. Унијата кон која се стремиме не е ниту на масата каде што ќе се крои иднината на Украина. Американскиот потпретседател држи лекции по демократија во задушливите европски салони. Таму преплатената бирократија заборавила дури и кога е четврток. Европа е во шок. И не само во шок – Доналд ѝ нацрта колку е неважна. Бирократите немаат одговор на клучното прашање: Што правевте изминатите десет години? Или уште пострашно: Што направивте за мир во последниве три години? Засега – тишина. Само горчлив вкус во устата и сознание дека континентот се претвори во политичко сираче. Неспособно да ги поднесе предизвиците што му се натрупале на кревката карлица. Промената е тука, сакале ние или не. Емануел Макрон – се сретна со Трамп за да разговараат за иднината на Европа и трансатлантските односи. Киер Стармер – новиот британски премиер, внимателно го слушаше Трамп, надевајќи се на стабилна англо-американска врска. Владимир Путин – со Трамп во прелиминарни преговори за мир во Украина. Без Европа и без Украина на масата. Тоа само ја засили вознемиреноста меѓу европските лидери. Анджеј Дуда – дојде во Вашингтон да бара гаранции за американско воено присуство во Полска. Се врати дома со „ништо“ спакувано во дипломатска пристојност. Полувековното стратешко партнерство со САД се распарчува на ветар. Ако на ова ја додадеме нескриената поддршка за Алис Вајдел, лидерката на крајно десничарската AfD, јасно изразена од Елон Маск и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, тогаш добиваме јасни координати за новата светска динамика. И тоа не е краткорочна промена. Напротив, зборуваме за следните, најмалку четири години. Но, тоа не е сè (што би рекла Розето Арсовска од МТВ) „Градоначалникот на Америка“ Руди Џулијани доаѓа на Балканот да сними подкаст со Милорад Додик. Неговото политичко позиционирање сега добива сосема ново значење. Во Босна, федералистите се во шок. На Косово владее непријатен молк по гласините за можен масовен одлив на американските војници од Европа. Грција се загрижува дека Турција ќе го преземе статусот на миленик на Вашингтон, особено поради ситуацијата на Блискиот Исток. Бугарија? Постои ли надворешна политика на Бугарија освен редовната мантра за Бугари во македонскиот Устав. Србија? Обоената револуција против Вучиќ постепено го губи интензитетот, а тој по се изгледа ќе и избега на гилотината за пубично влакно. Еди Рама? Ги брише сликите со Сорос и се подготвува за ново мешање на картите. Експресниот лонец е веќе на шпоретот. Состојките се подготвени, рецептот е испишан. А ние? Ќе бидеме ли миродија во главното јадење или само гарнир што покрај толку големи парчиња месо, во чинијата никој не го забележува ?

Ќе видиме. Но, судејќи по сè – времето за дилеми одамна заврши.

Одлучи се Македонијо !

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *