Студентските средби „Скомрахи“ на Факултетот за драмски уметности и годинава ги обединуваат студентите од европските драмски и филмски академии во Скопје. Под мотото „Дионизија сега,“ тие ќе ја презентираат својата креативност, идеи и енергија, од 1 до 5 ноември, на повеќе локации низ градот. Публиката ќе има единствена можност да ги проследи театарските претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка и други земји, како и на домаќините – студентите од ФДУ. Програмата на 32-то издание на „Скомрахи 2024“ вклучува изложба за реупотреба на театарскиот отпад, колективна перформативна прошетка низ Скопје во организација на Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот како сцена,“ панел-дискусии, разговори по претставите и музички настани.
Паралелно со програмата, на ФДУ ќе се одржува и работилница за развој на колективен перформанс кој ќе биде изведен на последниот ден од средбите. Во неговото создавање, покрај студентите од ФДУ, ќе учествуваат сите учесници на „Скомрахи,“ студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност, Одделот за дизајн и инженеринг на облека при Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ – Скопје, како и студенти од академијата „Фонтис“ од Тилбург, Холандија, од одделите за циркус и изведувачки уметности и театарска педагогија. На настаните ќе учествуваат и уметници од локалната дрег сцена.
Овогодинешните „Скомрахи,“ целосно концепирани и програмирани од студентите на ФДУ, се инспирирани од колективното ослободување преку екстатичноста на Дионизиските церемонии. Иако имаат корени во далечната историја, Дионизиите сè повеќе се актуелизираат како одговор на изолацијата, исклучивоста и насилството во современото општество.
„Скомрахи“ ги повикуваат сите да се приклучат на „Дионизија сега,“ започнувајќи од 1 ноември во Драмски театар – Скопје, со изведбата на „Кралот Иби“ од Алфред Жари, во изведба на студентите на ФДУ. Настаните на „Скомрахи“ се отворени за публиката, со бесплатен влез.