Јасен став на Европската комисија е дека проширувањето имa централна улога во геополитичкиот пристап на ЕУ, порача денеска високиот претставник за заедничка надворешна и безбедносна политика на Унијата, Жосеп Борел при презентацијата на Пакетот извештаи за проширувањето.
– Граѓаните очекуваат од Европската Унија да дејствува со цел да се гарантира стабилноста и соработката во нашето соседство. Ако тоа не можеме да го сториме во нашето најблиско соседство, тешко ре да се верува дека тоа ќе успееме да го направиме во подалечните делови од светот, нагласи Борел, додавајќи дека Европската Унија нема да биде само набљудувач на настаните.
На заедничката прес-конференција со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Борел нагласи дека во изминативе пет години се соочивме со предизвици без преседан во сферата на здравството, животната средина и безбедноста, а речиси пред 1000 дена Русија ја започна целосната агресија врз Украина.
– Русија претставува егзистенцијална закана за Европа, повеќе од кога било до сега, и членството во ЕУ стана стратешки избор. Алтернативите (на членството) може да бидат полесни на краток рок, но она што е лесно на краток рок, може да донесе тешкотии на долг рок, порача Борел.
Тој нагласи дека она што е наведено во извештаите се базира на индивидуалните достигнувања на земјите аспиранти за членство и нивните заслуги, чиј темел пред се е владеењето на правото.
– Во изминатите пет години пристапните преговори се вратија на врвот на приоритетите на Европската комисија. Во 2019 година имаше пет кандидати за членство, а денес има девет земји кандидати и еден потенцијален кандидат, што ги прави 10, односно двојно повеќе. Тоа покажува дека Европската Унија дејствува како магнет, привлекувајќи луѓе и држави, истакна Борел.
Според него, постепената интеграција донесе резултати, па така земјите вклучени во пристапниот процес веќе имаат видлива корист од тоа.
– Тоа значи дека не мора да чекате до крајот за да ги добиете сите придобивки (од членството), туку тоа е процес низ кој има видливи придобивки кои граѓаните ги чувствуваат секојдневно, рече Борел, додавајќи дека тоа вклучува пристап до програмата Еразмус+, тоа што сите граѓани од Западниот Балкан може да патуваат во ЕУ без визи, како и Планот за раст на регионот и инструментите за поддршка на Молдавија и Украина, со кои се наградуваат реформите, од кои најважно е владеењето на правото.
Тој посочи дека ЕУ се обидува да воспостави посилни врски со кандидатите за членство во сферата на енергетската и безбедносната политики, со цел да се одбранат европските вредности, да се зачува регионалната стабилност и да се заштити глобалниот поредок.
– Нашата Унија не треба да биде само поголема, туку и посилна. Можете да станете поголеми, но тоа не значи автоматски дека сте и посилни. Ние го сакаме и едното и другото. Сакаме да ги интегрираме нашите соседи и сите заедно да бидеме посилни, рече високиот претставник на ЕУ.
Борел посочи дека во услови на руската агресија врз Украина, не може да развивате односи со Русија како се да е нормално, а во исто време да сакате членство во ЕУ, бидејќи не може и едното и другото.
Според него, во изминативе години има значително усогласување на кандидатите за членство со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што е показател дека тие ги споделуваат европските вредности и геополитички цели.
– Некои наши партнери се целосно усогласени со нашата заедничката надворешна и безбедносна политика. Би можел да споменам Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, кое доброволно се усогласува, потенцира Борел.






