Бугарското МНР: Изјавите на Николоски се „неевропски и невоспитани“
Министерството за надворешни работи реагираше на зборовите на вицепремиерот и министер за транспорт на Република Северна Македонија, Александар Николоски, кој Бугарите ги нарече „мизерни“.
„Во врска со последователните навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од страна на официјални лица од Република Северна Македонија, ние категорично одбиваме да се вклучиме во таков неевропски и неспоив тон со добро воспитување. Нашите партнери се известени за неиспровоцираните провокации кои имаат за цел, меѓу другото, да го уништат дијалогот“, наведуваат од МНР.
Министерството за надворешни работи уште еднаш потсетува на клучното значење на развојот на добрососедските односи за европската иднина на Република Северна Македонија.
Остра политичка реакција дојде и од бугарското Народно собрание откако Николоски искажа куп навреди за необезбедувањето македонско знаме од домаќинот, претседателот Руумен Радев, за време на посетата на претседателката гордана Сиљановска Давкова. Бугарските пратеници го повикале бугарското МНР за итна акција, испраќање демарш, па дури и отповикување на македонската амбасадорка Агнеса Руси-Поповска. Копретседателот на ДПС, Дељан Пеевски побарал отповикување на амбасадорката додека во Софија „не добијат извинување од Скопје“.
„По уште една скандалозна и неприфатлива ароганција што ја покажа прорускиот режим на Мицкоски, РСМ мора да добие дефинитивен одговор од бугарската држава. Амбасадорот на РСМ мора веднаш да биде отповикан додека Бугарија и Бугарите не добијат соодветно извинување за навреди кон бугарската држава и народ“, рекол координаторот на пратеничката група на ДПС.
„И нека се знае дека нема да толерираме некој да си дозволи таков став, уште помалку претставници на власта на земја за која Бугарија направи толку многу како поддршка низ годините“, нагласува Пеевски.






