Македонија Новости Став Топ Вести

Лукаревска: Немаше „конгресен дебакл“, само одложување


Директорката на УЈП и пратеничка на СДСМ, Сања Лукаревска, не смета дека вчера се случи „конгресен дебакл“, со оглед дека Конгресот на партијата се одложи за нареден датум.

„Не би рекла дека станува збор за конгресен дебакл. Ние сепак имавме отчетен конгрес на кој ги посочивме грешките спакувани во еден обемен извештај а презентиран од нашиот генерален секретар. Од општинските организации беше побарано повеќе време да се дискутира и да се анализираат овие податоци од извештајот“, вели Лукаревска, заменик претседателка на СДСМ, во „Студио 10“ на ТВ 24.

„За да стигнеме до тоа дали имало кворум на конгресот или не требаше да заседава верификационата комисија. Ние не стасавме до таа точка“, вели Лукаревска на прашањето дали вчерашниот конгрес на СДСМ е прекинат поради немање кворум оти не дошле претставниците од општинските клубови.

Лукаревска вели дека е вообичаено прво да се обрати претседателот на партијата што Ковачевски и го стори. На коментарот даден за ТВ 24 на еден од кандидатите за претседател на партијата, Јован Деспотовски, дека е преседан да се прекине конгрес и дека никогаш досега тоа не се случило, Лукаревска вели дека секогаш имало делегати кои не доаѓале на конгресот, дека тоа не е бојкот, па според неа тоа не е и причината тој да биде прекинат.

„Некои не можеле да дојдат поради свои причини, но секако има делегати кои поради сопствениот револт не се појавиле. Револтот на членството се преслика и на изборниот резултат. Тоа е анализата што треба да ја направи новиот претседател и раководство, но и старото раководство“, додаде Лукаревска.

Според неа, имало грешки во односот кон неопределените и кон членството. 

„Извештајот вели дека нашата грешка е пренагласеноста на некои наши стратегии и визии. Секоја изборна единица има различна теза и политика која е приоритет, а ние бевме насочени кон тези кои не беа вистинскиот наратив за тие гласачи. Ние недоволно се обраќавме на неопределените. Ние не излегувавме во пресрет на одредени интереси на членството, како и нашата недостапност и ароганција“, вели Лукаревска.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *