Култура Новости Став Топ Вести

Палчо стигна во Шутка

На Палевски од вечерва му почнува 30-дневниот притвор за „грабнување“ и „убиство“ на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски


Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (15.05.2024) полициски службеници од Секторот за меѓународна полициска соработка на МВР во соработка со турската полиција го завршија процесот на екстрадиција од Република Турција на Љупчо Палевски (59) од Скопје, за кого беше распишана меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје. Лицето е пренесено во КПУ Затвор Скопје, соопшти вечерва полицијата.

Министерството за правда и министерот Кренар Лога, вечерва изразија голема благодарност до турските власти, особено до министерот за правда на Република Турција , Јилмаз Тунч за нивната брза реакција и преземањето на сите мерки за екстрадиција на Љупчо Палевски.
Целата постапка се спроведе во релативно краток период за неполни пет месеци.
„Ова е добар знак за општеството и порака дека правдата ќе ве стигне , каде и да сте!“, порачаа од таму. 

Љупчо Палевски се бара за убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

За двете убиства, за две кривични дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“ првообвинет е Љубомир Палевски Палчо, кој вечерва беше екстрадиран од Турција, а за соучество се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје. Во домашен  притвор е таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, осомничен дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со другите осомничени за движењето на неговата ќерка. 

По предлог на надлежен обвинител беше укинат притворот на Стефан Димовски, возачот на Љупчо Палевски-Палчо, кој е осомничен за помагање при бегството. На Димовски му се определени мерки на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиште, одземање патна исправа и обврска за јавување во суд. 

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *