Битолски театар годината ја почнува со премиера на „Вујко Вања“
Најнова продукција на Народниот театар Битола „Вујко Вања“ од А.П.Чехов, во режија на Софија Ристевска Петрушева, ќе ја има својата премиера на 26 јануари, во 20 часот и прва реприза на 27 јануари, сабота, исто во 20 часот.
“Вујко Вања“ е претстава што многу детално ги разработува темите за изгубената среќа, срушените надежи, стравот од губењето на домот, стареењето, како и болното секојдневно психолошко преиспитување – дали нашите животи се среќни, дали живеевме онака како што сакаме, или без борба се предаваме на околностите што не заобиколуваат.
“Вујко Вања“ е претстава за страста, за губењето, за семејството и за разочарувањето, за општествената опресија и за животните избори, за староста, за тагата, но и за надежта, што константно не тера да одиме напред и упорно не стимулира одново и одново да продолжуваме да живееме!






