Свечена академија по повод 8 Септември, Денот на независноста
Денес ја имаме најреалната и единствена можност, за брз процес на зачленување во Унијата, во следните неколку години. Ве повикувам сите заедно, да се обединиме околу целта пред нас и да ја сработиме. Заедништвото со кое е постигната независна иднина на Македонија во 91-та година, го има и денес во определба на граѓаните за европска иднина на нашата држава, порача премиерот Димитар Ковачевски на свечената академија, што се одржа вечерва во Филхармонија по повод Денот на независноста – 8 Септември.
Тој оцени дека денес „кочниците се само во нашите раце и на дел од политичарите тука, во нашата држава“.
„Причините за вакви обиди се поврзани со туѓи интереси за геостратешки позиционирања, различни од македонската евроатлантска стратешка цел. Поврзани се и со популизам за политички предизборни и лични, материјални цели. Политичките раководства, Собранието и народот во нашата држава, секогаш го правеле потребното. И поради сето ова, така мора да биде и ќе биде и денес“, рече Ковачевски.






