Транспаренси интернешнел: Да се повлечат измените на Кривичниот законик, тие се „тивка амнестија“
Блупринт групата за реформи во правосудството бара од претседателот Стево Пендаровски да не го потпише законот кој инаку се донесува со просто мнозинство.
Транспаренси интернешенел – Македонија (ТИ-М) изразува загриженост во
врска со предлогот на Владата за изменување и дополнување во скратена постапка на
Кривичниот законик.
„Предложените измени се спротивни на заложбата за безусловна борба против
корупцијата и за засилени санкции против лицата кои се обвинети или осудени за
коруптивни кривични дела. Во овие моменти на силни внатрешни и надворешни
укажувања дека корупцијата, а посебно високата корупција се на високо ниво, а
довербата во правосудниот систем е 0,4% кај граѓаните, што е на најниско ниво во
историјата на оваа држава, кога владее состојба на неказнивост и недостасува секаков
вид на одговорност, во Собранието е доставен предлог на законско решение, кој треба
да овозможи поблаг третман, поблаги санкции, ослободување од вина и оневозможена
конфискација за сторителите кои за сопствени цели ја злоупотребиле својата службена
положба.
Со новиот предлог закон за измени на Кривичниот законик се предлага
намалување на казните за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и
овластување; се брише ставот 5 од членот 353 кој ја санкционира злоупотребата на
службената положба и овластувања при вршење јавни набавки или на штета на Буџетот
и на јавните фондови за кои беше запретена казна од најмалку 5 години затвор,
максималната казна затвор за злосторничко здружение се намалува од 10 на 3 години,
а се укинува и проширената конфискација за нелегално стекнат имот. Со намалување на висината на казната на конкретните дела се намалува и должината на нивното застарување и сето наведено е предложено преку скратена постапка – употребувајќи го европско знаменце.
Следствено на ваквите измени, треба да се погледне членот 3 од Кривичниот
законик – Задолжително применување на поблаг кривичен закон став 2 – според кој ако по
извршувањето на кривичното дело е изменет законот, еднаш или повеќе пати, ќе се
примени законот што е поблаг за сторителот, па одредени постапки подлежат на
застареност. Со ваквото законско решение многу обвиненија и истраги за висок коруптивен
– финансиски криминал сторен на штета на државата ќе се соочат со застареност.






