Десет дена протести на вработените во Министерството за култура, Владата останува глува на нивните барања
Со едночасовен протест пред Владата, вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм и денеска, по десетти пат, искажаа незадоволството од своите месечни примања и ги повторија барањата за зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.
На протестот, кој започна денес во 10.00 часот, претседателот на синдикалната организација во Министерството за култура Бранко Костовски ги информираше присутните за како што ја нарече „Протоколарната“ средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, минатиот петок, која не вроди со плод и само ја зголеми нервозата кај административците од секторт култура.
Од денешниот протест учесниците испратија ново барање до министерот за финансии да го одобри Колективниот договор за вработените во Министерството за култура, Управата за културно наследство и Агенцијата за филм, со кој сите вработени по принципот на Министерството за финансии, ќе добијат зголемена плата во износ од 30 проценти. Остануваат на ставот дека ќе бидат присутни секој ден во голем број, сè до остварување на целта – соодветна валоризација на трудот на вработените во овие институции.