Македонија Новости Став Топ Вести

Советот за безбедност: Состојбата во земјата е стабилна

Состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата, констатирано е на денешната конститутивна седница на Советот за безбедност што се одржа во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

На седницата со која претседаваше претседателката Сиљановска Давкова, присуствуваа членовите на Советот за безбедност Африм Гаши, претседател на Собранието, Христијан Мицкоски, претседател на Владата, Панче Тошковски, министер за внатрешни работи, Владо Мисајловски, министер за одбрана и тројцата членови именувани од претседателката Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова и Владо Спиридонов.

На покана на претседателката Сиљановска Давкова, во работата на Советот за безбедност учествуваа и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, директорката на Агенцијата за разузнавање, Габриела Јаковлева и директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски.

– Советот за безбедност на седницата констатираше дека состојбата во земјата е стабилна и нема индиции за загрозеност на границите, интегритетот и суверенитетот на државата. Присутните констатираа дека надлежните институции редовно ги следат состојбите во земјата и опкружувањето и дека системот за национална безбедност е функционален и обезбедува рано предупредување за евентуални закани и ризици, се наведува во соопштението од Кабинетот на претседателката.

Воедно, се оценува дека учеството на Армијата во НАТО-мисиите, ЕУ-мисиите и во мисии во ОН е успешно и продолжува, а бројот на учесниците во мисиите се одредува во зависност од потребите и одлуките на надлежните институции.

Советот за безбедност ќе се состанува на секои три месеци, а по потреба и почесто, стои во соопштението.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *