Јаневска за РСЕ: Образованието заслужува единица, нерегуларности на неколку универзитети во земјава
На Тетовскиот универзитет утврден е нелегален избор на двајца наставници, нерегуларности има и на „Апостол Павле“ и во Струга, открива министерката за образование, Весна Јаневска во интервју за РСЕ. Образованието заслужува оценка единица, вели Јаневска и најавува нови наставни методи.
Поминаа повеќе од сто дена од вашиот мандат, ако треба да дадете генерална оценка за состојбата што ја затекнавте во образованието од 1 до 5, која оценка би ја дале?
Повеќе пати сум кажала дека состојбата беше навистина многу лоша и единица би било соодветна оценка, ако треба да се оценува. Затекнавме огромни, огромни долгови кои сè уште ги исплаќаме и сè уште не можеме да се справиме со тоа, иако поминаа, речиси четири месеци. Но, покрај тоа, затекнавме состојби нерешени и напластувани со години. Немање на учебници, неподготвеност за 1 септември, неисплатени стипендии, значи комплетно запоставен студентски стандард, комплетно запоставен ученички стандард, започнати проекти и застанати во одреден подолг период без причина, неисплатени награди, неисплатени обврски кон истражувачите кои објавувале во списанија со импакт-фактор…
Ги споменавте учебниците како еден од проблемите што ги затекнавте. Деновиве го објавивте новиот закон за учебници на ЕНЕР. Досега кај нас секој септември беше вест дали има учебници или нема. Дали новиот закон конечно ќе ги реши проблемите? Знаеме дека имаше проблеми со неодобрување на учебниците, преносот на авторски права итн.
Од информациите кои ги добив во моментот кога новата власт настапи со сопственото владеење, да, имате информации и вие дека имало сериозни проблеми, а тоа е немање автори, немање на рецензенти, неквалитетни книги, неодобрени книги или одобрени од Бирото за развој на образованието, неодобрени од рецензенти и обратни ситуации. Како и да е, што и да било, учебници немаше. Со новиот закон се обидуваме да го подобриме процесот за никогаш повеќе да не дојдеме до ситуација на 1 септември да немаме учебници. Покрај овој закон, ние носиме и други пет закони кои треба да се носат отприлика во исто време и јас искрено се надевам дека со новиот закон ќе постигнеме и подобар квалитет на учебници, но и навремено снабдување со учебници.