Во вторник панел-дискусија за зборообразувањето и новите димензии на македонскиот јазик
Панелот, како што пишува во фејсбук-објавата за настанот, е организиран од група современи зборци, понесени од љубовта кон македонскиот јазик, неговата недокажана приказна, секојдневно соочени со потребата за негов развој. Во фокус на дискусијата ќе биде зборообразувањето како главен начин за креативно збогатување на јазикот, а осврт ќе се даде и на теоретскиот и практичниот дел од процесот на создавање нови зборови
„Зборообразување – нови димензии на македонскиот јазик“ е називот на панел-дискусијата што на 2 април (вторник) со почеток од 18 часот ќе се одржи во просториите на Музејот на македонската борба и самостојност.
Панелот, како што пишува во фејсбук-објавата за настанот, е организиран од група современи зборци, понесени од љубовта кон македонскиот јазик, неговата недокажана приказна, секојдневно соочени со потребата за негов развој. Во фокус на дискусијата ќе биде зборообразувањето како главен начин за креативно збогатување на јазикот, а осврт ќе се даде и на теоретскиот и практичниот дел од процесот на создавање нови зборови.
„Преку дискусијата ќе се осврнеме на потребата од повторна кодификација на македонскиот јазик, разгледувајќи дали постојат аспекти кои бараат освежување или модернизација во согласност со современите теченија. Дискусијата се надеваме ќе не наведе кон размислување за зборовите кои се сметаат за дел од македонската јазична средина, а, сепак, не се официјално признати во речниците, истражувајќи ги нивните корени и значење“,пишува, меѓу другото, во фејсбук-најавата за настанот.
Во фокус на дискусијата ќе биде и прашањето за потребата за нови зборови и зошто оваа таа е клучна за еволуцијата на јазикот.
„Дали технолошкиот напредок, социокултурните промени или нешто трето е тоа што го принудува јазикот како жива материја да расте и да се развива? Но, битно е и да ги поставиме и личните прашања – Колкава е нашата улога во активното обликување на јазикот и дали сме мрзливи во употребата и развојот на македонскиот јазик или пак нашата креативност цвета на друг јазичен терен? На настанот ќе разговараме за овие прашања и ќе бараме начини како активно да придонесеме кон збогатувањето на нашиот јазик“,додаваат во најавата за настанот.
Говорници на настанот, кои се очекува да ги споделат своите истражувања, искуства и размислувања за значењето и влијанието на зборообразувањето како алатка за развој на македонскиот јазик, се проф. д-р Славица Велева, професор по предметот ,Зборообразување на Филолошкиот факултет при УКИМ, Фросина Пармаковска, автор, проф. д-р Илина Јакимовска, институт за етнологија и антропологија, ПМФ при УКИМ и Др. Тамара Ќупева, Научен соработник, Институт за македонска литература при УКИМ.