Денес ќе се одржи синодска седница на МПЦ –ОА на која се поканети епархиските архиереи на која треба да се донесе историска одлука за обединување на МПЦ-ОА со ПОА на Зоран Вранишковски кој од страна на СПЦ беше именуван како Јован VI, архиепископ охридски, митрополит скопски и поглавар на Православната Охридска архиепископија.–објави сајтот религија.мк.
Извори од Синодот потврдуваат дека обединувањето ќе значи интеграција на владиците на ПОА на Вранишковски во МПЦ-ОА односно ним ќе им бидат дадени делови од битолско пелагониската епархија со која раководи митрополитот Петар.
Обединувањето е дел од договорот меѓу МПЦ-ОА и СПЦ со кој беше обезбедена согласноста на Српската црква за автокефалност на МПЦ-ОА.
Според религија.мк заокружувањето на тој процес ќе значи и формално згаснување на ПОА и нејзина итеграција во МПЦ-ОА, што ќе биде историски чин на обединување кон конечната цел полноправо признавање на МПЦ-ОА како автокефална црква. Сите четворица владици на ПОА ќе добијат епархии, кои ќе бидат создадени со прераспределба на постоечките што ги има МПЦ-ОА.