Милошоски: Во соработка со САД да се отворат истраги против Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели
Владата на ДУИ и СДСМ се плаши да ги искористи законските основи за меѓународна кривична соработка со САД и да отвори истраги против Рамиз Мерко, Катица Јанева и другите владини пријатели, кои се дел од црната листа на официјален Вашингтон, реагира на социјaлните мрежи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, откако беше прозван зошто го држи во фиока Законот за рестриктивни мерки, со кој ќе се гонат кривично тие што ќе ги „обележи САД“ на ваков начин.
Место да одговори директно на прозивките, Милошоски тврди дека Македонија „веќе има усвоено Закон за меѓународна соработка во кривичната материја“ и дека со него е предвидена можноста домашен надлежен орган (Министерството за правда или Јавното обвинителство) да испрати замолница за соработка во кривичната материја до надлежна институција на странска држава (чл.16).
„Со замолницата, која се доставува преку Министерството за правда, од странската надлежна институција се бара достава на списи, информации и материјални докази за одредена предистрага, истрага или тековен судски предмет за физичко и/или правно лице. Овој закон (чл.35) овозможува и формирање на заеднички истражни тимови за истражување и гонење на кривични дела, а договорот за заеднички истражен тим го склучува државниот обвинител на Македонија. Во чл.39 од Законот за меѓународна кривична соработка дури е предвидено и секое истражно дејствие што го превземал надлежен орган на странската држава да биде изедначено со соодветно дејствие во кривичната постапка пред домашните институции.






