Симон Трпчески ќе свири во Монте Карло – „Македонисимо“ ќе прозвучи во „Рение Трети“
Македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески концертната сезона ја продолжува на 13 јануари (православната Стара Нова година, н заб.) кога во салата „Рение Трети“ во Монте Карло заедно со своите пријатели ќе го изведе МАКЕДОНИСИМО. Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев продолжуваат со претставувањето на проектот базиран врз традиционалната македонска музика, чии транскрипции, по идеја на Трпчески, ги потпишува нашиот истакнат композитор Панде Шахов.
Со овој настап македонскиот пијанист го продолжува своето гостување како резиденцијален артист на Филхармонискиот оркестар на Монте Карло, во чии рамки е предвидено да одржи 4 концерти во тековната сезона 2023/24 година. Првиот беше заедничката изведба на Вториот концерт за пијано и оркестар од Рахманинов во минатиот октомври, а по саботното гостување, како што информира „КултурОп“, остануваат уште две концертни вечери со различна програма до крајот на пролетта.

По највисоките оценки од „Тајмс“ и „Грамофон“, 5 ѕвездички за изведбата и одлична рецензија на новиот двоен албум снимен за британската етикета „Лин Рекордс“ на кој Симон Трпчески е повторно обединет со романскиот диригент Кристијан Мачелару и Симфонискиот оркестар на WDR од Келн, Германија, во изведбата на двата концерта за пијано и оркестар од Јоханес Брамс, во своето издание за јануари 2024 година, објави и престижниот БИ-БИ-СИ МУЗИЧКИ МАГАЗИН.






