Овој четврток со почеток во 20 часот оркестарот на Националната филхармонија ќе ја
изведе Симфонијата бр.5 од австрискиот композитор Густав Малер. Концертот е
насловен „Благден“, а диригент е маестро Вања Ѓумар Николовски.
– Симфонијата бр. 5 на австрискиот композитор Густав Малер (1860 – 1911) е
безвременско ремек-дело кое совршено ја отсликува неговата мисла „симфонијата е како
светот, во неа треба да има сѐ“. Живот, љубов и смрт. Почнува да се развива од темно
место, со посмртен марш на самиот почеток, кој преминува во бурен втор став. Потоа
симфонијата се движи кон валцер, а Адаџетото, нејзиниот четврти став е класично
љубовно писмо. Финалето е полно со енергија и живот – како чаша шампањ.
Симфонијата е напишана во периодот меѓу 1901 и 1902 година. Премиерно била
изведена на 18 октомври 1904 година во Келн – информираат од Филхармонијата.