Македонија Новости Топ Вести

Да се биде Македонец и Македонка надвор од географските граници на земјата има многу предизвици

Здружението “Наставници по македонски јазик во светот” по повод Новата Година,  изработи видео програма со своите учениците.

Да се биде Македонец и Македонка надвор од географските граници на својата земја со себе носи многу предизвици. Како наставници и професори по македонски јазик сегашноста ни нуди да бараме начини и модели за тоа како да дејствуваме како просветни работници во земјите во кои што живееме и да дејствуваме во насока на зачувување на македонскиот јазик. Ние, ги учиме нашите ученици да зборуваат на македонски јазик, ги учиме да пишуваат со кирилично писмо, ги учиме како се сака и почитува нашиот фолклор и што е традиција. Нашата задача е многу одговорна и благородна. Да им јa пренесеме љубовта кон земјата од која потекнуваат, да бидеме мостот по кој тие уште од најраното детство ќе чекорат храбро и гордо. Да ги научиме да знаат колку е важно да се идентификуваат себе си, колку е голема нашата земја надвор од нејзините граници и дека е важно да знаат да ја имаат душата на својот народ и добрината на истиот.

Здружението на наставници по македонски јазик во светот во пресрет на еден од најубавите празници Божик подготви снимки од сите делови на светот. Наставниците и професорите со своите ученици подготвија свои снимки преку кои на македонски јазик испраќаат најубави желби. Учениците кои учествуваат во овој проект се среќни што зема учество и го даваат својот допринос. Погледенете ги учениците од Канада, Европа и Австралија. Се надеваме дека ќе ни се придружат и ќе не поддржат уште многу наши колеги и колешки.

Ние, како ментори на нашите ученици се надеваме дека љубовта со која тие го учат македонскиот јазик ќе расте и дека секоја нова учебна година во сите делови на светот ќе се отвараат нови училишта во кои ќе се учи и зборува на македонски јазик.

Нека пламенчето на надеж силно гори и ни го осветлува патот. Македонскиот јазик со сета своја убавина нека го учат и зборуваат сите Македонци каде и да се. Македонци во Македонија, Македонци во светот Ви посакуваме среќни празници.

Христос се роди! Вистина се роди!

„Здружение на наставници по македонски јазик во светот“

Кординатори на проектот:

– Ivana Brezovec, професорка по македонски јазик во Република Хрватска и

– Anastasija Ga, професорка по македонски јазик во Сојузна Република Германија.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *