Македонија Новости Топ Вести

Димитриевски: Потребно е да доживееме суштинска децентрализација

Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во интервјуто за Радио Слободна Европа потенцираше дека за предвремените избори во земјава одлучува мнозинството во Парламентот.

„Моето субјективно мислење е дека секои избори се тест за демократијата во државата и потребно е час поскоро оваа власт којашто лошо работи, лошо менаџира со државата да си оди и да дојдат одговорни луѓе со јасен концепт, визија, како чесно и достоинствено ќе ја придвижат Македонија да тргне напред, бидејќи ние сме држава во којашто во континуитет стагнира, а за жал сме сведоци дека секојдневно расте криминалот, корупцијата, злоупотреба на позиции, јавни функции, само себе наградување на поединци на власта и едноставно, државата функционира како приватно акционерско друштво во коешто ДУИ е главниот менаџер, а придружниот елемент на власта се моите поранешни сопартијци од редовите на СДСМ. Зборувам за функционерите или политичката елита којашто ја води оваа партија, а инаку што се однесува до членството се прекрасни луѓе коишто за жал не можат да добијат шанса“, рече Димитриевски.

На прашањето на што ги основа ваквите тврдења, Димитриевски ги истакна како пример сите стратешки проекти на државата и последниот случај со Бехтел и Енка.

„Погледнете ги сите стратешки проекти на државата и последниот случај со Бехтел и Енка, и дополнително сите вложувања коишто се распоредуваат во државата се резултат на волјата на партнерот во власта ДУИ којашто владее со оваа држава повеќе од 20 години и покажува во јавноста дека е незаменлива, законот не важи и за жал создава фрустрации во општеството кадешто многумина веќе, особено припадници на македонската етничка заедница велат дека се чувствуваат како да живеат во апартхејд. Ако секоја држава во светот има мафија, ја мислам дека Македонија се доведе самата себе си да е држава контролирана од мафија. Значи, мафијата ја поседува оваа држава. Тоа ние го чувствуваме на локално ниво со градежната мафија којашто е во невидена експанзија, во следниот период се подготвувам да обелоденам многу информации во јавноста. Дополнително, злоупотреба на државните институции како што е МВР во делот на взаемно политичко прекусурување. Ако тоа во минатото во периодот на Груевски беше МВРО сега тоа е МВРО со две „о“ на чело со Спасовски, кадешто секојдневно живееме така како што живееме. Ако не сте послушни, ќе се соочите со лажна анонимна кривична пријава против вас и отворање на 10 истраги во еден момент. Наместо да се трошат ресурсите суштински да се сузбива криминалот, всушност вие ги трошите ресурсите, сите тие инспекциски служби коишто доаѓаат во контрола ги плаќаме ние на работи коишто однапред се знае дека не постојат елементи на било какво сторено кривично дело“, посочи Димитриевски.

Тој изјави дека МВР се користи за реваншизам, а се користел и во периодот на избори, особено во Куманово.

„Вие бевте сведоци на сето тоа. Го гледавте и во јавноста и ден денеска се користи во една скриена форма. Ако може една општина во еден ден да добие 9 истраги за наводни сторени кривични дела по член 353 (кривични дела против службена должност). Замислете, па зарем толку многу сторители имаме по член 353. Криминалот во оваа држава е во власта, во највисоките нивоа на власта. Дајте да тргнеме да го провериме прометот на парите, каде тоа се трансферираат парите, кој инвестира во државата, како тоа одредени политичари преку квази поединци станаа најголемите сопственици на капитал во државата додека бизнисот во континуитет стагнира. Бизнис заедницата е запоставена во општа стагнација. Единствено тие кои го зголемуваат капиталот во државата се поединци блиски до власта или директно политичарите“, рече Димитриевски

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *