„Оваа периферија повторно да ја претвориме во центар на образованието“, порача Силјановска Давкова на академијата по повод „Св. Климент“
Ако сакаме македонското општество да биде праведно и солидарно, а Македонија да ја направиме пристојно место за живеење мора да се навратиме на вредностите на Свети Климент Охридски, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на Свечената академија по повод државниот празник „Св. Климент Охридски“, што се одржа вечерва во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.
Силјановска Давкова оцени дека сите треба да сме сплотени околу светикиментовите заложби и да им помогнеме на современите ранливи категории – на социјалните случаи, бездомниците, бегалците, жртвите на семејното насилство, непријавените работници.
Се осврна на делата на Свети Климент посочувајќи дека од Охридската книжева школа произлегле 3 500 ученици кои станале учители на словенството, неговите манастири станале чувари на временскиот и просторниот континуитет на македонскиот јазик, Охрид бил издигнат на ранг на архиепископија, … но оти најголемото негово дело е духовното и етичкото воздигнување на народите.
– Свети Климент со своите слова и поуки настојувал да изгради нов човек со нови благородни навики и речиси и да нема светиклиментова проповед без повик за одговорно однесување кон ближните и тие што страдаат. На народот му дал духовен и етички компас за да може полесно да се ориентира во столетијата во кои се менувале царства, власти и системи и да опстане во сите средини, посочи претседателката.






