Јовески одговори по пошта : Немаше влијание и притисоци за случајот со Модуларната болница
Јавниот обвинител Љубомир Јовески до Собранието по пошта го испратил одговорот за интерпелацијата што за неговото работење во случајот со пожарот во Модуларната болница во Тетово во кој загинаа 14 лица ја поднесоа пратеници од опозициските партии на Албанците – Беса, Алтернатива и Демократско движење. Јовески во дописот, како што наведува, најодговорно изјавува дека никогаш во ниту еден момент во текот на постапката за овој случај немало обид за влијание и притисоци.
Во одговорот на барањето за интерпелација, Jавниот обвинител наведува дека за овој трагичен настан, за дејствијата што ги преземаше Јавното обвинителство, јавноста во континуитет била известувана без да се наруши текот на постапката, која во еден дел веќе завршила со осудителна пресуда.
-Меѓутоа, поднесената интерпелација за овој предмет уште еднаш потврди дека „Институцијата со која раководам постојано е изложена на неосновани напади и обиди за дискредитација, кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто. Повод за оваа интерпелација се непроверени и неиздржани, наводи во новинарски текст, кој неодговорно манипулира со чувствата на засегнатите од оваа трагедија и кај пошироката јавност, но очигледно и кај дел од пратениците, креира погрешни перцепции за текот на овој предмет, пишува во одговорот од јавниот обвинител.






