Македонија Некатегоризирано Новости Топ Вести

Левица обвинува за бетонско чудовиште во Ќерамидница,Градоначалникот демантира,а Арсовска нема да дозволи

Дали е на повидок нова пинг-понг меѓупартиска игра во која неминовно ќе земат учество градежната мафија и “мајката на градот“?

По вчершаната прес конференција на Левица, во која нивниот портпарол Амар Мециновиќ посочи дека бетонско чудовиште во Гази Баба ќе градат компании блиски до Мицкоски и до СДС, со деманат се јави Градоначалникот на Општина Гази Баба, во чии рамки се наоѓа населбата Ќерамидница. Со соопштение се јавија и од Град Скопје- Еден квадрат нема да дозволиме да се изгради од предвиденото бетонско чудовиште кое општина Гази Баба планира да се изгради во населбата Ќерамидница.

-Раководствата и функционерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не биле поблиски и не соработувале повеќе. Двете големи партии кохабитираат на власт. Се чини дека пред нас предстои уште едно крунисување на оваа плодна соработка во доменот каде што тие се најсреќни и најконструктивни меѓусебно, а тоа е градежништвото. Имено во општина Гази Баба ќе се гради урбанистичко чудовиште од 50 илјади квадратни метри. Тоа се 16 згради со по над 10 ката на простор поголем од Ист Гејт Мол. Проект од кој ќе профитираат единствено фирми блиски до раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а ќе биде на штета на жителите на Гази Баба и Скопје. Здружените фирми во овој бизнис повик се карактеризираат по низа на коруптивни скандали. Деталите околу овие фирми ќе ги испратиме до медиумите во нашето партиско соопштение, рече на прес конференицијата, портпаролот Амар Мециновиќ.

Градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, кој патем доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, веднаш ги демантираше обвинувањата:

-Ја информирам јавноста дека ваквите тврдења се лажни и дека во рамки на општината не се води постапка за издавање на одобрение за градење на градба какво што се споменува во наведената прес конференција. Хуманата урбанизација, инфраструктурниот развој и напредокот на општина Гази Баба ќе продолжат и во иднина. Нема да дозволам ниту Левица, ниту било кој да го запре развојот на Гази Баба.

Во соопштението од службата којашто ги пренесува ставовите на градоначалничката Данела Арсовска, се вели и следново:

-Со планот кој шверцерски се обидува да се помине, се предвидува изградба на 16 згради со висина од 34 метри. Поточно, предвидена е изградба на 100.000 метри квадратни бетон и асфалт и ниту еден метар квадратен зеленило. Градот Скопје ќе постапи согласно поплаките на жителите на општина Гази Баба, но и во интерес на сите скопјани. Вакво бетонско чудовиште не смее и нема да биде дозволено да го наруши квалитетот на живот на граѓаните. Градот Скопје ќе изврши целосна ревизија на ДУП ЦС 10.03, и тој ќе се презентира пред  Советот на град Скопје.

-Го каниме и градоначалникот на општина Гази Баба да образложи што мислел кога го предложил овој монструозен ДУП со кој во целост се нарушува принципот на хумано живеење. Градот Скопје мора да биде модерен град, град во кој ќе ставиме крај на дивееењто на урбаната мафија, самоволието во урбанизмот и ставањето на профитот пред здравјето на граѓаните, реагираат од Град Скопје.

Во денешното партиското соопштение Левица го повика Стефковски да ги обелодени фирмите со кои ќе го гради бетонското чудовиште.

-Го повикуваме градоначалникот да обзнани кои фирми ќе учестуваат во овој проект, пред ние да ја информираме јавноста за блиските врски помеѓу раководствата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и фирмите кои се предвидени да бидат дел од оваа лукративна зделка, се вели во соопштението од партијата.

LEAVE A RESPONSE

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *